Со повеќе културни, хуманитарни и спортски манифестации денеска ќе биде одбележан 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје.
По тој повод, градоначалникот Петре Шилегов ќе се сретне со претставници на Градскиот одбор на Сојузот на борци од Народноослободителната антифашистичка војна на Македонија.
Потоа, делегација на Град Скопје ќе положи цвеќе пред Споменикот на ослободителите на Скопје на Партизанските гробишта, во Алеата на зслужните граѓани и пред споменикот на генерал Михајло Апостолски на Градските гробишта „Бутел“.
Во 12:30 часот, пред Споменикот на ослободителите на Скопје, на платото пред Владата, државни делегации, борци од НОВ, претставници од Армијата на Република Македонија, од општините на Град Скопје, членови на други институции, како и официјалната делегација од Град Скопје ќе положат цвеќиња.
Настаните за чествување на Денот на ослободување на Скопје ќе продолжат вечер во Македонската филхарамонија, каде свечено ќе бидат доделени наградите „13 Ноември“. Концерт ќе одржи Македонската филхармонија.
Во рамки на одбележувањето на 13 Ноември, денеска ќе се одржат повеќе манифестации. Детскиот културен центар „Карпош“ и оваа година традиционално ја организира манифестацијата посветена на предучилишните установи „Го градам мојот град 2018“. Таа ќе се одржи во просториите на Детскиот културен центар “Карпош“ од 10 до 11 часот и има за цел да ги истакне детските творечки способности, детската креативност и да ги запознае децата со 13 Ноември и неговото значење за градот во кој живеат. Секоја градинка, како и секоја година, ќе ја претставува екипа од пет деца, а објектот кој ќе се гради е по нивен избор,како и градежниот материјал што ќе го користат (коцки,цртежи,природни материјали како лисја, дрвца и друго).
Традиционалната крводарителска акција на Црвениот крст на Град Скопје ќе се одржува денеска од 9 до 17 часот во Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.
Промоцијата на монографијата „Архитектурата како фотографска скулптура (1963-1990) од Ерина Богоева ќе се одржи вечер, со почеток во 19 часот, во книжарницата „Литература.мк“.
Во рамки на фестивалот на европски филм „Синедејс“, во Младинскиот културен центар со почеток во 23 часот, ќе настапи The Mauskovic Dance Band. Влезот е слободен.
Во рамки на активностите за одбележување на 13 Ноември – Денот на ослободувањето на Скопје, се одржаа голем број рекреативни и спортски манифестации кои се финансиски поддржани од Град Скопје.
На 13 ноември пред 73 години борците од 42-та и 50-та Народноослободителна дивизија на македонската војска и 16-та Македонска бригада го ослободија Скопје од фашистичката окупација.
По неколкудневни тешки борби со припадниците на 22-та гренадирска германска дивизија, составена од 47-от и 65-от полк и делови од 11-та воздухопловна десантна дивизија, како и со германската тврдинска бригада „Ангермилер“ која беше распоредена пред Качаничката клисура, борците со победоносен марш влегоа во градот.
МИА