Именување на Директор на училиштето “Невена Георгиева-Дуња“, член на УО на средното училиште „Васил Антевски-Дрен“, аминување на годишни планови за вработување во градинките на територијата на Кисела Вода, се само дел од партиските вработувања на СДСМ во оваа општина во периодот од февруари до јуни оваа година.
Ова е тртетиот дел од истражувањето на Алфа за тоа како СДСМ ја плете мрежата на партиски вработувања.
Според документите до кои дојде Алфа од револтирани членови на владејачката партија кои извисиле за вработување, на четиринаесетата седница на ИО на ОО, одржана на 4 јуни едногласно е избран наставник да биде нов директор на ОУ „Невена Георгиева-Дуња“. Само десеттина дена потоа лицето е веќе на функцијата и склучува договори за јавни набавки во име на училиштето. На претходна седница, на 22-ри февруари, лице е предложено да биде член на Управниот одбор во средното „Васил Антевски-Дрен“, а веќе со одлука на 2-ри март, е назначено на позицијата.
И ова не е се, на седница на 23 април, се аминувале годишни планови за вработувања за 2019 година, во градинките „8 март“, „Весели цветови“, именувани се членови во управните одбори на двете градинки.
„Потребна е реална корелација помеѓу Партијата и институциите. Раководните кадри во институциите мора да направат чекори за вработување на наши членови. Внатрепартиската кохезија, културата и нашата визија за иднината треба да ја сочуваме. Секој функционер на СДСМ има партиска и општествена мисија. Дел од функционерите добро ги вршат и двете функции, дел ги вршат општествените мисии, а забораваат на Партијата“.
Ова, според документите, е пораката што генералниот секретар на партијата Александар Кирацовски им ја кажал на присутните на една од споменатите седници (04.06.2018).
Неговиот став е целосно спротивен на она што јавно го зборува неговиот претпоставен:
-Партијата мора да се одвои од државата, тоа мора да се почитува. Тоа се и пораките на Прибе, изјави Зоран Заев, претседател на Влада на Р. Македонија, на 06.09.2017.
Кирацовски не ги коментира цитираните изјави од седницата.
Се сомнева дека документите до кои дојде Алфа не се официјални документи на СДСМ, па не заслужуваат коментар.
-Можеби станува збор за конструкции за кои не знам каква позадина имаат, не можам да зборувам за документ којшто не е официјален од партијата. Моите ставови како и на СДСМ се јавно соопштени и познати. Ви стојам на располагање јас, мојата партија, центарот за комуникации, за било која тема, вели Кирацовски.
Министерот Манчевски пак цврсто не ги демантираше информациите, рече последниве две години е значително намален бројот на вработувања во јавната администрација.
-Го повикувам секој кој има докази да ги достави и инспекторатот да си ја преземе работата, рече Дамјан Манчевски, министер за информатичко општество и администрација.
Не само во училиштата и градинките.
Деновиве Алфа презентираше докази за партиско вдомување на работни позиции во самата општина, но и во јавните претпријатија Комунална Хигиена и Македонски шуми. Од општината велат сите вработувања се целосно законски, Комунална хигиена одлучи да нема официјален став.