четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Колумни

Кашкачот Али и чистачот Таче

Кашкачот Али и чистачот Таче

Али тресна, а Таче плесна. Лоша потпикувачка навика, велат. Она, кога двајца политиканти ќе се заглават во сопствената стапица и повраќаници. Се вика „говор на омраза“, евтина фраза со која шарената банда направи кариера, а сега новокомпонирана тиња во која Ќуран пропадна до гуша. Оти, така да ти било во имагинарната северна, таму премиерот, коалиционер и мисир (Ќуран) морал да трчка по стопанот од ДУИ и да го заметува, поправа, чисти и пере она што алфа-орлето ќе го укашка, растури и расипе. Да, многу благородна улога имал Таче, толку соодветна на неговиот интелектуален и професионален капацитет. Чистач. Хигиеничар, се извинувам…

Кога во напливот на емоции предизвикани од тресењето на фотелјата, земјотресче кое му го предизвикаа „огнените момчиња“, Алија плесна дека две македонски телевизии биле непријатели на Албанците, никој не ни очекуваше каква и да е осуда од неговиот коалиционер и поттрчко Ковачевски, тоа е неспорен факт. Ок. Но никој не очекуваше и таква жустра одбранбена реакција од сервилниот кумановац, кој ги претрка Артан Нежни и Бугар Османи и „главом без обзира“  истрча во први редови да го одбрани неодбранливото, ламентирајќи за некакви аргументи кои седокосиот демек морал да ги имал кога ги наклевети Алфа и Телма и ги нас’ска Албанците против нив. Да, знаевме дека нема да го куди, но не знаeвме ни дека толку многу ќе го брани, па уште квалификации, та нови етикети, абе увлекување толку длабоко што кога би ми „учиниле“ клистрација на главниот командант, знаете кого би извадиле од таму. Најверојатно, вистинскиот премиер Али и му срочил што да каже, та го видовме во живо кога му суфлираше на говорница, зошто не би и сега? И да, кога некогаш ќе заврши на геријатрија, сега знаеме и кој ќе му менува пелени. Иако, Груби гарант многу ќе му се лути…

Туку, една работа заборавија и двајцата „лидери“. Не ли се сетија дека со ваквото инфантилно однесување и непромислено тресење квалификативи можат да загрозат нечиј живот? Не ли им текна на орелот и мисирот дека заради нив утре новинар на овие телевизии може да биде нападнат на терен од некоја дуевистичка вжештена глава, која чезнее да му се упика на Али за вработување, унапредување или тендер? Ако може да дојде на ред од Таче, де…

Не, не се сетија, оти очебијно, толку им сече. Интересно, пак, Алија прв се поправи, а надобудниот одбранбен Ќуран молчи ко мисир, затоа што тој е безгрешен, најумен и најубав. Башка агресивен, арогантен, индолентен и инфантилен. Кај смее Таче да признае грешка, та толку народ гласаше за него за да биде премиер што тој не смее да ја изневери нивната доверба… Упс, чек, чек, да, никој не гласаше за него.

Затоа и Ќуран нема да одговара на никого, повеќе од јасно…

Сепак, „дејствувањето“ на мисирот не е изолиран случај, ова е стасано на ниво на кредо во неговата антидржавна и антинародна партија СДСССС. Ако си спомнувате, два дена пред Таче Стево преЦедник ги правдаше албанските лидери кои заминаа на „баци рака“ и инструкции кај менторот Еди Драма, па булазнеше дека целивачите не биле таму со големоалбански намери и бла,бла, бла. Оти Стеки им го должи изборот, та сега начека да и’ се одмаздува на македонската „стока“ товарана во автобуси и камиони, ко што милуваше да си рекне за народот кога беше обична комуњара во подем…

Уште „почудно“ и троа симптоматично, среде Скопје саде еден ден пред Алија се изнаслушавме на вистинска река, порој на говор на омраза од бугарските неофашисти Џамбаски и Костадинов, кои од самозамислената им „втора бугарска престолнина“ изнатресоа вреќи бугарашки антимакедонски повраќаници, идиотизми и глупоштии. И си заминаа, без проблем и без конкретна осуда од стамениот Бујар кој мораше да ја „среди“ Украина. Оти, за Македонија и онака не му чуе…

И повторно, Таче стапи на сцена па кажа дека не се занимавал со политички маргиналци ко европратеникот и човекот кој има 27 пратеници во бугарскиот парламент, ликчиња со кои требале да се занимавааат македонските политички маргиналци.

И пак си пукаше во нога пустиот. Па Ќуране, ти си бре најголемиот македонски политички маргиналец и според анкети и според тоа што никој жив во Македонија никогаш и не гласал за тебе. Значи, по твое, ти треба самиот да се занимаваш со Џамбаски и Костадинов. Треба, ама не смееш, нели?

Туку, пошто изигруваш и глумиш толку голем фраер и се шепуриш ко некој мисир на секое појавување, ајде покажи го тоа и на дело. Доста муабети. Еве ти одлична шанса, та нели имаш работа со обични политички маргиналци спроти тебе така големиот, моќниот и силниот?

Ајде, храбар и доблесен северен лидеру со распаран стомак од продажба на национални светии и историја, бујрум на избори. Згази ги тоа „маргиналците“, аман, пепел да ги сториш.

Ајде, по кој знае кој пат, стани бре Таче да те види народ!

Фуфка, а?…