недела, 5. ноември 2023. Вести денес: 0
home Македонија

Пуштена во промет пругата од македонско-косовската граница до Косово Поле

Пуштена во промет пругата од македонско-косовската граница до Косово Поле

Железничката линија од Генерал Јанковиќ, на косовската страна на границата со Северна Македонија, до Косово Поле, во близина на косовската престолнина, денеска беше отворена по подолго време, откако беа пуштени во употреба два тунели на трасата, јави дописникот на МИА од Приштина.

На денешната церемонија по повод отворањето на пругата, косовскиот премиер Албин Курти го опиша настанот како еден од најважните за косовската инфраструктура и за поврзувањето на земјата со регионот.

Двата тунели, кои беа срушени во косовската војна од 1998-99 година, се долги, едниот 262 метри, а другиот 122.

Според Курти, со целокупниот проект за ревитализација на косовските железници се предвидуваат 13 нови мостови и седум тунели, „реконструирани според највисоките европски стандарди за железнички транспорт“.

Во соопштението на Владата на Косово се наведува дека вредноста на работите во овој сегмент, од границата на Северна Македонија до Косово Поле, е над 164 милиони евра, додека над 200 милиони евра е планираната вредност за преостанатиот сегмент до Митровица и од Митровица до северната граница на Косово.

Курти изрази благодарност до Европската унија, Европската инвестициска банка и Европската банка за обнова и развој, за поддршката на финансирањето и рехабилитацијата на оваа железничка пруга, „која граѓаните на Косово уште повеќе ќе ги доближи до Европската унија“.

– Овој проект со години се соочуваше со многу предизвици и пречки. Тие се надминуваат благодарение на решителноста на раководителите, инженерите и работниците на Косовските железници – јавното претпријатие Инфракос, нашето Министерство за животна средина, просторно планирање и инфраструктура, Министерството за економија… и Министерството за финансии, труд и трансфери, изјави Курти.

Тој додаде дека „железницата е многу важна инфраструктура која го поврзува Косово со регионот и со Европа и го отвора патот на раст и развој“.

Министерката за економија, Артане Ризваноли рече дека штотуку отворената пруга нуди подобри можности за граѓаните и бизнисите, поевтин и побрз транспорт, додека министерот за животна средина, просторно планирање и инфраструктура Либурн Алиу изјави дека со оваа пруга Приштина се поврзува директно со Скопје и Солун.