недела, 5. ноември 2023. Вести денес: 0
home Македонија

Лазаров: Сакам да пробам и некои нови играчи за да дојдеме до идеален тим за ЕП

Лазаров: Сакам да пробам и некои нови играчи за да дојдеме до идеален тим за ЕП

Македонската машка ракометна репрезентација ги почна подготовките за неделата на Европската ракометна федерација (ЕХФ), во чии рамки црвено-жолтите треба да одиграат две пријателски средби на гости со Грција, како дел од подготовките за претстојното Европско првенство (ЕП) во Германија, во јануари наредната година година.

Собирот почна во понеделникот, а меѓу 22-та ракометари што ги повика селекторот на репрезентацијата, Кирил Лазаров, последни, поради клупски обврски, пристигнаа голманот Никола Митревски (Порто) и бекот Филип Кузмановски (Вецлар).

– Ќе одиграме два пријателски меча со Грција, селекција што е во подем, а ќе настапи и на претстојното Европско првенство. Ќе ја искористиме седмицата и за тренинзи, на кои ќе дадеме повеќе внимание на техничкиот дел од играта, со акцент на нашиот напад и контра, а потоа и враќањето во одбрана – вели Лазаров.

На списокот на Лазаров се најдоа 22 ракометари, од кои четворица се интернационалци.

– Списокот е многу широк, оти сакам да пробам и некои нови играчи за да дојдеме до идеалната екипа за големиот собир во Германија. За мене нема стари и млади. Милан Лазаревски го заслужи повикот со добрите игри во Вардар, слично е и со Никола Костески, кој е најдобар стрелец во шампионатот на Чешка. Направивме смена на генерации, тука е уште Митревски, но сосема го заслужи повикот. На местото на Ице Соколески дојде Нино Павелиќ, кој ќе работи со голманите. Проблем е што дел од ракометарите се со мала минутажа, па мора македонските клубови да размислуваат на тоа да им се дава повеќе шанса за игра, што, пак, е важно за националниот тим. Како и да е, ќе ја видиме моментната ситуација и ќе се обидеме до 21 декември, кога ќе го имаме и првиот собир за ЕП, со нашиот кондициски и со медицинскиот тим, да им дадеме дополнителни обврски за да ја дополнат минутажата – рече, меѓу другото, Лазаров.

Двете пријателски средби со Грција кои ќе се одиграат во Солун се закажани за в петок и в сабота.