понеделник, 27. ноември 2023. Вести денес: 0
home Останати спортови

Историска шанса за македонските одбојкари за пласман на Европско првенство

Историска шанса за македонските одбојкари за пласман на Европско првенство

На 5-ти јануари македонските одбојкари ќе гостуваат во Украина, а четири дена подоцна ќе ја пречекаат Унгарија. Со оглед дека досега остварија две победи на четири натпревари од квалификациите, постојат големи шанси да ги исполнат мечтите и да учествуваат на континенталниот собир којшто првпат ќе биде одржан во четири земји, а нa него премиерно ќе настапат 24 селекции.

Македонската машка одбојкарска репрезентација е на два чекора од историски пласман на европско првенство. Во августовскиот квалификациски термин за континеталниот собир во 2019-та, црвено-жолтите остварија две гостински победи против Унгарија и против Швајцарија, дома двапати загубија од Украина и од Швајцарија, а на сите четири натпревари одиграа пет сета. Во групата „Еф“, Македонија е второпласирана зад Украина која оствари биланс 4-0, а Швајцарија и Унгарија се зад нас со еден триумф и три порази. Оттука, нашиот национален состав има голема шанса да обезбеди настап на Европското првенство во 2019-та, коешто првпат ќе биде одржано во четири земји. Услов за тоа е да биде прв во нашата група или, пак, да се наде во кругот од петтте најдобри второпласирани селекции од седумте групи. Соочени со големата можност да ги исполнат своите соништа, но и со желбите на сите коишто на каков било начин имаат допирни точки со македонската одбојка, есенската полуетапа од клупската сезона нашите репрезентативци ја минаа размислувајќи за јануарските натпревари со Украина на гости и со Унгарија дома.

„Борба, борба,борба… Пред нас се два значајни натпревара од историско значење, но сепак треба да бидеме мирни и со студени глави. Јас сум оптимист и мислам дека ќе ги добиеме двата натпревара и со две победи ќе се пласираме на Европското првенство. Радува формата на репрезентативците, а според мои сознанија, и Ѓоко Јосифов ќе се врати во составот, со што ќе бидеме комплетни. Нема што, добри десетдневни подготовки, добри две контроли со Албанија и во борба! Сонот, целта, мечтата е Европско првенство!“ јасна е пораката на капитенот на македонската репрезентација Никола Ѓорѓиев, кој посакува вечерта на 9-ти јануари да биде најважна во историјата на македонската одбојка.

Нашиот национален состав на на 5-ти јануари (сабота) ќе гостува во Запорожје кај Украина, а четири дена потоа во салата на СРЦ „Кале“ во Скопје ќе ја пречека Унгарија. Со две победи сигурно ќе бидеме учесници на Европското првенство во Белгија, Франција, Холандија и Словенија. Доколку оствариме една победа, а Швајцарија биде последна во нашата група, повторно шансите се големи, затоа што на собирот во септември 2019-та ќе играат пет од седумте второпласирани селекции во сите групи.