Заглавена помеѓу Брегзит, изолационизмот на Доналд Трамп, демократските назадувања во Полска, Унгарија и Романија и политичките кризи околу миграцијата, Европската Унија оваа година помина низ длабоки кризи кои најверојатно нема да стивнат ниту во наредната година.
Несомнено, на политичката сцена на ЕУ во 2018 доминираше процесот за Брегзит, повлекувањето на Обединетото Кралство од ЕУ закажано за 29 март 2019, но кое сѐ уште се наоѓа во опасност да предизвика економски и политички турбуленции.
По макотрпни преговори, во ноември годинава, Лондон од една страна и другите 27 престолнини предводени од преговарачот Мишел Барние од друга, успеаја да постигнат таканаречен “Договор за повлекување“ и политичка декларација за иднината на односите помеѓу двете страни, но сагата е далеку од завршена. Премиерката Тереза Меј во последен момент го откажа гласањето за постигнатиот договор во британскиот парламент, соочена со речиси извесен пораз. И покрај предупредувањата од страна на ЕУ дека “подобар договор не може да се испреговара“, британските политички партии остануваат длабоко поделени околу начинот и исходот на кој треба да се случи Брегзитот. Додека отпорот на проевропскиот табор се зголемува, оној на евроскептиците, вклучително и во партијата на Меј, не стивнува.
Еден од главните гордиеви јазоли во овој процес е ирската граница: според сите инволиврани страни, на ирскиот остров кој е составен од Република Ирска (независна држава- членка на ЕУ) и Северна Ирска (дел од Обединетото Кралство кое ја напушта ЕУ), мора по секоја цена да се избегне појавување на тврда граница. Причините се политички поради години граѓанска војна на островот, но и економски. Имено, членството во ЕУ подразбира припадност кон единствениот заеднички пазар и царинската унија, односно почитување на одреден број пазарни правила и стандарди благодарение на кои опстојува слободата на движење во Унијата. Бидејќи не смее да се појави тврда граница на ирскиот остров, нужно е да се изнајде решение за слободниот проток на стоки помеѓу Даблин и Белфаст.
За сега решението е привремено и се нарекува “бекстоп“, еден вид заштитна клаузула според која Северна Ирска ќе продолжи да се усогласува со регулаторните стандарди на ЕУ до крајот на транзицискиот период, декември 2020. Што значи дека прозиводите ќе треба да поминат низ инспекции кога влегуваат преку Северна Ирска. Ирските унионисти, од кои зависи владата на Тереза Меј, предупредија дека не го поддржуваат ова решение поради тоа што сметаат дека тоа ги одвојува од остатокот од Обединетото Кралство.
Гласањето во британскиот парламент е закажано во текот на јануари и сите опции се на маса: од предвремени избори до нов референдум или тнр “Брегзит без договор“, најхаотичното сценарио во кое Обединетото Кралство ја напушта ЕУ без претходно испреговорани правила на игра и решение за границите.
Останува дека Брегзит и покрај сиот “хаос“ кој може да го предизвика е единствената политичка тема за која постои консензус помеѓу членките на Европската Унија, што ги усложнува работите за Лондон, но го теши Брисел дека сепак единството во ЕУ сѐ уште е можно.
Оваа година ја одбележа и подемот на популизмот и политичките тензии околу миграцијата. Иако статистички бројот на мигранти е драстично намален во однос на 2015, миграцијата и натаму ја става на тест Европската Унија. Ако досега отпорот доаѓаше пред сѐ од источноевропските земји, промената на власт во Италија ги засили редовите на антимиграциските сили во ЕУ.
Матео Салвини, контроверзниот министер за внатрешни работи од екстремната десница, Северна Лига, го спречи хуманитарниот брод “Аквариус“, кој спасува мигранти во Медитеранот, да се вкотвува на италијанското крајбрежје предизвикувајќи сериозна политичка криза во текот на летото во ЕУ. Конечно на бродот му беше одземена лиценцата, а пристигнувањата во Италија се сѐ поретки.
Во јуни, Салвини помогна и да се блокира предложената реформа на системот на азил на ЕУ, која требаше да овозможи порамноправна распределба на “мигрантскиот товар“.
Таборот на поддржувачите на затворените граници на ЕУ и на засилената контрола врз мигрантските текови расте во ЕУ, а поделбата помеѓу земјите членки се продлабочува. Тензиите кулминираа со потпишувањето на Глобалниот пакт за миграции на Обединетите Нации во декември, кога и самата земја претседавач со ЕУ, Австрија, одлучи да не го поддржи овој и онака правно необврзувачки документ. Дипломатите во ЕУ не ја кријат својата разочараност од овој австриски потег, посебно на неколку месеци пред парламентарните избори на ЕУ, каде антиевропските партии се очекува да остварат значаен напредок.
Италија и создаде уште една главоболка на ЕУ неколку месеци подоцна кога владата во Рим го презентираше својот годишен нацрт-буџет за 2019. Планираниот дефицит од 2,4 отсто БДП во најзадолжената земја на еврозоната по Грција ја наведе Европската Комисија за прв пат во својата историја да одбие буџет на земја членка и да и се закани на италијанската влада со санкции. По неколку недели префрлувања и остра реторика, владата сепак прифати да го намали планираниот дефицит на 2,04 отсто без притоа да се откаже од сите зацртани реформи.
2018 ја одбележаа и тензиите помеѓу ЕУ и нејзиниот најстар сојузник – Соединетите Американски Држави. Првото влошување на односите дојде по одлуката на администрацијата на Доналд Трамп да се повлече од нуклеарниот договор со Иран и да воведе повторно санкции врз европските компании кои тргуваат со оваа земја. Иако ЕУ се обидува да воведе механизми за заштита на своите компании, реалноста е дека најголемите брендови веќе го напуштаат Иран во обид да се заштитат од последици.
Трговските односи помеѓу ЕУ и САД дополнително се влошија кога Трамп одлучи да воведе поголеми царини врз увозот на челик и алуминиум од ЕУ. Одлука која ќе ја погоди индиректно и Македонија, бидејќи ЕУ ги стеснува квотите на увоз од трети земји за да се заштити од негативните последици на американските царини и воведе реципрочни мерки врз американски производи.
Претседателот на Европската Комисија, Жан Клод Јункер, непланирано отпатува во Вашингтон во текот на летото за да се сретне со Трамп и да се обиде да изнајде решение. ЕУ се заложи да увезува повеќе американски производи, вклучително и течен природен гас, но спорот сѐ уште не е решен, и преговорите продолжуваат.
На сето тоа се надоврза судирот помеѓу Трамп и европските сојузници во НАТО, на Самитот на Алијансата во јули во Брисел. Американскиот претседател на состанокот на лидерите дојде со една единствена точка на својата агенда: да добие зголемување на придонесите на другите земји членки за одбраната. Според повеќе дипломатски извори, Трамп отишол до таму што се заканил дека САД ќе се повлече од НАТО доколку не се зголеми стапката на два отсто во 2019. Поради некомпромисноста на Трамп, агендата на Самитот мораше да се менува во последен момент и да се свика итен состанок на таа тема. Сојузниците останаа на заложбите за зголемување на буџетите за одбрана до 2024, а Трамп замина во Хелсинки на средба со Владимир Путин. Неколку месеци подоцна, францускиот претседател Емануел Макрон повторно го разлути Трамп со изјави за креирање европска армија, иако ретко кој смета дека оваа идеја е изводлива во догледно време. НАТО од своја страна повтори дека европска војска, доколку се формира, не треба да и биде конкурент на Алијансата.
Оваа година за ЕУ значеше и соочување со феноменот на “лажните вести“ по скандалот со британската фирма Кембриџ Аналитика и Фејсбук, кога корисниците открија дека милиони нивни лични податоци биле злоупотребени во политички цели. На 25 мај на сила стапи новата регулатива на ЕУ за заштита на личните податоци која, како што се надева ЕУ, ќе стане глобален модел.
Наредната 2019 ќе биде изборна и со тоа ЕУ знае дека обидите да се таргетираат гласачите со дезинформации и лажни вести ќе се зголемат, но реално ЕУ нема голем капацитет ниту надлежност за да се справи со феноменот. Најголемиот дел од задачата им припаѓа на земјите членки и на медиумската фела, со значајни разлики од земја до земја.(MИА)