Роџер Федерер го победи младиот грчки талент Стефанос Циципас и така обезбеди за Швајцарија место во финалето на „Хопман купот“ во австралискиот град Перт. 37-годишниот Федерер го победи 20-годишниот Циципас со 7:6 (5), 7:6 (4) за час и 37 минути игра.
– Ми се допаѓа да играм против младите момчиња, ако треба да бидам искрен. Тие носат нешто поинакво, нешто што никогаш не сум го видел досега и таков беше случајот денес, рече по дуелот Федерер.
Швајцарија имаше потреба од една победа во дуелот против Грција за да стигне до финалето, откако во другите два дуели од групата „Б“ ги победи Велика Британија со 3:0 и САД со 2:1.
На крајот, Швајцарците загубија со 1:2 од Грција. Во останатите две средби Марија Сакари ја победи Белинда Бенчиќ со 6:3, 6:4, а во парови Сакари и Циципас победија драматично против Бенчиќ и Федерер со 4:3 (4), 2:4, 4:3 (3).
За Федерер ова беше првиот пораз на турнирот во шест натпревари (3 во сингл и 3 на парови) со негово учество во Перт.
Другиот фаворит за титулата е Германија, кој игра во состав Анџелик Кербер и Александар Зверев. Минатата година, Германија загуби во финалето од Швајцарија (повторно Федерер и Бенчиќ). Кербер и Зверев играат против Австралија на последниот натпревар од групата „А“ утре.
МИА