Хуманитарен турнир во кошарка по повод Новогодишните празници се одржува денеска во Кавадарци, учествуваат над 150 деца до 16 години во сите категории. Организатор е Школата за кошарка “Про-баскет”. Натпреварот е ревијален, рече тренерот Атанас Димов и нагласи дека резултатот не е најважен, важно е дружењето и хуманитарниот карактер. Тој се заблагодари до спонзорите кои го поддржуваат настанот.
Учесниците добија маици и новогодишни пакетчиња.
– Сите посетители кои доаѓаат да ги следат натпреварите донираат парични средства во рамки на своите можности, ќе донира и Школата, а донацијата ќе биде наменета за купување телевизор за учениците со посебни потреби при Основното училиште “Страшо Пинџур”, соопшти Димов.
Школата во моментов има над 130 деца кошаркари. Тренерот изрази задоволство од интересот за овој спорт, кој, како што нагласи, придонесува за правилен развој.