Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски денеска на митинг се обрати пред граѓаните во Виница.
Мицкоски истакна дека имал средба со голем број на граѓани и директно од нив слушнал дека граѓаните со СДСМ и Заев живеат многу лошо, во беда и сиромаштија, додавајќи дека на тоа мора да му дојде крајот а тоа е возможно само со поддршка на претседателските избори за кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Проф. д-р Гордана Силјановска Давкова.
-Ова не се само претседателски избори, ова е многу повеќе од тоа. Ова е крај со остатоците од транзицијата, ова е крај од криминалното семејство кое што ден денешен крстари по Европа со Мерцедес, Мајбах и Бентли. Ова треба да биде крај за недостоинствена Македонија, ова треба да биде крај за криминалците во Република Македонија и затоа ни е потребна победа, на 21-ви април масовно да излеземе и да го подржиме нашиот кандидат идниот претседател професорката Гордана Силјановска Давкова, рече Мицкоски.
Мицкоски пред граѓаните потенцираш дека Зоран Заев заборавил на сите ветувања кои што ги дал пред граѓаните потенцирајќи дека не е правда да се ветува загарантиран откуп и повисоки субвенции, а кога ќе дојде ден за откуп земјоделските производи остануваат на нивите необрани.
-Граѓаните едвај крај со крај врзуваат од први до први. Не е правда кога им ветувате на луѓето загарантиран откуп повисоки субвенции и стимулации во земјоделието, а кога ќе дојде денот и овде во Виница, и во Кочани и во Пелагонија останува необран на нивите, вели тој.
Мицкоски додаде дека Заев го понижал и ги изманипулирал граѓаните ветувајќи им дека кога ќе дојде на власт ќе ги открие сите нерасчистени убиства, додека сега од позиција бега
-Не е правда господине Заев кога ќе ги лажете родителите на децата починати трагично на Смилковското езеро, а денеска да бегате да ги погледнете во очи. Да им велите дека тој, знаете кои, се вистинските сторители на тој немил настан. Не е тоа правда. Не е правда да велите дека живот ќе донесете, а пекол донесовте во Република Македонија, потенцираше Мицкоски.
Тој појасни дека на Македонија и е потребен честит и принципиелен претседател кој што ќе се избори за правда и правдина.
-За честита Македонија, требаат честити луѓе. Не требаат луѓе апологети на лопови и на лажови. Гласот за Стево Пендаровски е глас за Зоран Заев. И тука не треба да имаме дилема тоа се двајца луѓе лице и опачина на иста паричка, истакна Мицкоски.
На крај претседателот Мицкоски побара од граѓаните да застанат рамо до рамо со ВМРО-ДПМНЕ и Гордана Силјановска Давкова и заедно да се изборат за победа на претседателските избори се со цел да се победат неправдите со кои што секојдневно се соочуваат граѓаните на Република Македонија.