петок, 19. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Претседателска кампања

Претседателска кампања

Веќе сме на средината од кампањата за избор на Претседател, па сметав дека следствено на тоа, треба да го искористам медиумскиот простор за една моја анализа за истата.

Воочливо е дека за прв пат со толку малку кандидати (само тројца) по 1994 година кога во изборната трка учествуваа само два кандидати (Киро Глигоров и Љубиша Георгиевски). Воглавно, имавме четири  или повеќе кандидати (2009 имавме дури 7).

Од старт е евидентно и очигледно дека медиумите битката ја насочуваат кон двата кандидати на власта и опозицијата (Сиљановска Давкова и Пендаровски) иако Блерим Река со кампањата која ја насочува пред се на социјалните мрежи се обидува да земе дел од колачот гласови, вон албанскиот кампус. Евидентно е сепак, дека главниот таргет му се гласовите на македонските Албанци, обидувајќи се да го добие нивното мнозинство, пред се поради одлуката на досега најголемата партија на македонските Албанци  ДУИ, да гласа за Пендаровски.

Интересно е да се спомене дека сите три кандидати се универзитетски професори, правници по вокација, иако Сиљановска Давкова е нај експонирана и најголем авторитет кога професурата е во прашање, особено во она што е нејзино поле на дејствување, Уставното право. Пендаровски е со долгогодишен професионален ангажман во сферата на полицијата и безбедноста, со по експонира политички ангажман изминатите неколку години, додека Река покрај професорскиот ангажман, е познат како поранешен амбасадор на Македонија во Европска унија во периодот 2006-2010.

Впечатокот е дека, нема особена еуфорија како во некои претходни изборни циклуси. Како и обично, оние кои се на власт се обидуваат да мобилизираат поголема маса на народ на јавните собири, додека опозиционерите одат на континуитет. И двата кандидати ќе одат со по три големи митинзи кои се со цел во јавноста да се прикаже поддршката. Река веќе тоа го направи во Скопје, за очекување и во Тетово.

Во кампањите се третираат три моменти: личноста на кандидатот, програмата за петгодишниот мандат и дискредитација на противникот. Додека Река воопшто не се осврнува на противниците, таборите на Сиљановска Давкова и Пендаровски водат вистинска војна. И додека нападот кон Пендаровски се однесува на неговите претходни изјави, неконзистентноста во ставовите и гафовите, нападите кон Сиљановска Давкова одат уште подолу. Навредите по полова основа, ословувањето со тетка и баба, се спуштање на нивото и форма на дискриминација. Да не заборавиме дека сите тројца кандидати се релативно слично годиште (56 до 63 години) што целата фама околу тоа кој и колку е стар паѓа во вода.

Самите митинзи се на одлично и високо ниво, западното влијание за тоа како се водат кампањи се чувствува, иако е евидентно дека  потегот на некои од кандидатите каде навидум обични граѓани земаат збор и сведочат и се исповедаат, едноставно, не проаѓа. Прво, мала средина сме, секој со секого се познава, а и воглавно, таквите говорници, воопшто не се обични луѓе, туку активисти, дел о самите партиски табори.

Тука е и четвртата страна, или онаа која повикува на бојкот на самите избори, сметајќи дека така се дава легитимитет на сите насилно донесени одлуки во изминатите две години.

Таа страна, смета дека предизборните ветувања се изиграни, дека ништо од она што Владата го спроведува не е дел од ниту една изборна програма, и дека без Парламентарни избори и ревизија на донесените одлуки и Уставните измени, не може да се оди понатаму.

Самите Претседателски избори се тешки за мобилизација на гласачи, пред се затоа што изборот на Претседател, кој иако е битна државна функција, не е позиција која влијае силно врз секојдневието на граѓаните како што е тоа извршната или локалната власт.

Моја проценка е дека излезноста ќе биде на граница на цензусот кој ќе се бара за втор круг, а доколку ниту еден кандидат не извојува победа уште во првиот круг, дека за вториот мотивираноста ќе биде многу помала, и прашање е дали ќе се исполни минималната гласачка квота.

Власта е у бедена дека со самото тоа што прибра околу себе голем број на политички субјекти, дека нивниот кандидат Пендаровски ќе доминира и ќе се прошета низ изборите, иако јас верувам дека кандидатите Река и Сиљановска Давкова ќе бидат пријатно изненадување и ќе ги поматат сметките на многумина кои тврдеа пред време дека работата е завршена.

Ќе видиме вечерта на 21 април, кој колку правилно целел.

Посакувам изборите да поминат во најдобар ред, и да не ни се повторуваат спринтерски гласачи кои гласаат на секои 3 до 5 секунди. Сметам дека Европа тоа веќе нема да ни го прости.

Пишува: Александар Ристевски

Најнови вести