петок, 19. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Претседателска кампања (2)

Претседателска кампања (2)

На само два дена пред чинот на гласање, време е да направиме уште една анализа на севкупниот предизборен процес.

Кампањата која стартуваше пред три недели не донесе многу изненадувања, но сепак расчисти многу дилеми. Дилеми околу тоа дали воопшто вреди да се гласа и дали ќе има битна разлика во тоа кој од двајцата фаворити ќе биде избран.

За почеток, морам да посочам сум пријатно изненаден од кампањата која ја водеше професорот Река, што не може да се каже и за лидерите на двете политички партии зад него, Зијадин Села и Билал Касами.  Река ја спушти топката, зборуваше за право, правна држава, почитување, екологија, соживот, и скоро воопшто да немаше експанзионистички и сецесионистички говори кои беа обележје на скоро сите кандидати македонски Албанци, до сега. Водеше позитивна, а критичка кампања. Иако „таргетот“ му беа пред се Албанците, се обиде на терен  да ги анимира Македонците муслимани, Бошњаците, Турците, а преку социјалните медиуми се обраќаше на целото гласачко тело. Колку тоа ќе вроди со плод, ќе видиме во недела, иако општиот впечаток е на македонскиот политички простор се потребни тој тип на личности претставници на македонски Албанци, за да се подобри севкупната слика во јавноста за нив. Само напред Река.

Професорката Сиљановска Давкова беше изненадување по многу нешта што. Прво, поради идеолошкото отстапување од тоа што ВМРО ДПМНЕ претставува како партија која застана зад неа, но и поради самиот пристап и енергијата во настапите и соочувањето со противкандидатите. Кампањата која ја водеше таа лично, беше чиста и директна, со јасни ставови околу името, идентитетот, нацијата и почитувањето на правото и правната држава. Обидите да биде вовлечена во замката, дали ќе го руши насилно наметнатиот Устав и сите одлуки кои беа донесени пропратно, таа посочи дека како легалист ќе ги почитува законите, иако таа лично не ги поддржува, дека ќе ги оспори сите недоследности и можности за нивно до регулирање или изменување.

Кандидатот на актуелната власт, поддржан од СДСМ, ДУИ и широката коалиција, проф. Пендаровски влезе во кампањата полн со себе и убеден дека гази и оди на сигурна победа. Поддршката која ја доби од широкиот политички фронт му наметна уверување дека се ќе оди глатко. Сепак, и покрај поддршката од огромен дел од власта, очигледно и самиот увиде дека се нема да оди така лесно. Од една страна, сериозен број на граѓани, не планира да гласа, а друг дел силата реши да ја насочи, кон другите кандидати. Кампањата која ја водеше беше премногу стерилна, повикувајќи се на ЕУ мантрата, иако е повеќе од очигледно дека пристапувањето и самите преговори за ЕУ нема да почнат во догледно време, плус аргументите за тоа дека „мораме да ги слушаме што ќе ни кажат“, што за личност која претендира да биде Претседател, таков сервилен однос кон западните политичари не личи. Сепак, улогата на Претседателот е да ги брани интересите на граѓаните на сопствената држава. Истите, не секогаш се поклопуваат со интересите на странските дипломати.

Сега малку и за негативните кампањи кои тимовите на кандидатите ги водеа.

Напади кон Река во голема мерка немаше, иако од кампусот и поддржувачите на Пендаровски беше споменувано дека тој е само „спотер“ (пренасочувач, „скретничар“) во својство на Сиљановска Давкова. Се уште стојам зад тоа, дека неговото појавување е освежување за кампањата, затоа што без него ќе беше многу досадно, неинвентивно и ќе го закржлавеше дополнително гласачкото тело.

Нападите кон Сиљановска Давкова беа жестоки, а во голема мерка неосновани. Обид да се дискредитира нејзиното минато, да се наметне мнение дека е „човек на Сорос“ поради мејлот под пред 20 и кусур години, иако секој со подолго паметење знае дека во тој период скоро сите професори во академската мрежа имаат такви мејлови, додека обичната раја користеше хотмејл и македонскиот фримејл. Неколкуте лапсуси со градовите во кои се наоѓа беа основа за да биде нарекувана баба и сенилна, но да не заборавиме дека разликата во години помеѓу неа, Река и Пендаровски е 7-8 години. Напад имаше каде што имаше обид да се потцени и понижи нејзиниот син, што место поддршка, дојде до одбивност од јавноста, и се ретерираше. Последниот напад е преку билбордите на кои пишува дека гласањето за Сиљановска, е глас за Груевски, што е илузорно,затоа што токму Сиљановска беше еден од најголемите опоненти на дел од политиките на Груевски.

Нападите кон Пендаровски беа количински најголеми, претпоставувам затоа што најмногу и повод даде за тоа, но и поради неговата експонираност, а неретко и недоследност во истите. Голема утка беа „сведочењата“ на „обичниот народ“ кој се испостави дека се истакнати активисти, кои глумејќи тажни приказни, место емпатија, беа подложени на потсмев. Имаше обиди со одреди слики, видеа и популарни „мемиња“ да се дисквалификува кандидатот, но во голема мерка, дали поради лошо водена кампања или слабости кај самиот кандидат, кои не знам дали ќе придонесат за промена на мислењето на гласачите, но можеби ќе одвратат од гласање.

За крај и за дебатите!

Дебатите беа освежување, за разлика од сето она што го имавме од првите Претседателски 1994 година. Не можам да кажам дека ниту еден од тројцата е вешт политички оратор, но во секој случај, сите тројца се одлични говорници, со истакнат интелектуален капацитет. Последните две дебати (на Сител и на Алсат) беа нај сочни, и предизвикаа доста внимание.

Евидентно е дека на истите стартниот фаворит Пендаровски најмногу изгуби. Премногу нервозен, премногу агресивен, обидувајќи се да ја потцени дискредитира пред се Сиљановска Давкова. Сликите и снимките со тиковите и кочењето на вилица беа доста коментирани деновиве, како и последната изјава: „Доколку загубам ќе се повлечам од политиката бидејќи сигурно ќе немам толку нерви.“ Никој не може да му го одземе искуството и познавањето на нештата, но дебатите открија многу слабости кај него како личност.

Река во неколку наврати посочи дека се чувствува како вишок, во наметнатата битка помеѓу Пендаровски и Сиљановска Давкова. Тој ја размрда дебатата во моментот кога го нападна Пендаровски дека џабе е поддршката кој СЈО и актуелната Влада, кога истите до сега ништо не испорачале, а и тие за кои се имаше сериозни докази, истите беа искористени за политички пазар, а со самото тоа немање владеење на правото. Водеше коректна битка, иако на моменти се добиваше впечаток дека ниту еден од другите двајцата кандидати не сака со него да се конфронтира директно.

Сиљановска Давкова успеваше вешто да се справи со нападите пред се кога стручноста и компетентноста е во прашање, и постојано битката ја вртеше во тој смер. Се оградуваше од дневната политика, партијата која стои зад неа и се она каде процени дека не може да доминира. Беше досетлива, и на моменти зајадлива кон Пендаровски. Успеа во неколку наврати да го исфрли од колосек и да направи тој да биде груб. Сталоженоста во дебатите ја наметна како предност.

Почитувани, ова е еден мој рекапитулар на самата кампања. Се надевам дека изборите ќе поминат во најдобар ред и дека нема да дозволиме истите да бидат уште еден негативен изговор зошто МАКЕДОНИЈА не оди напред. Имам огромна почит и разбирање кон сите оние кои решија изборите да ги бојкотираат. Мојот став за промената на името на државата, и се што пропратно дојде (обезличувањето, негативните вазалски договори и се останато), воопшто не е поразличен од нивниот. Сепак сметам дека државните политики мораат да имаат легитимитет и истиот да го применат во пракса. Се додека не почнеме да го почитуваме правото и законот, додека не станеме функционална држава,а  не договорна и лидерска, немаме иднина.

Македонија е се што имаме!

Пишува: Александар Ристевски

Најнови вести