четврток, 9. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Афера Штрахе: Курц ја распушти австриската Влада и најави предвремени избори

Афера Штрахе: Курц ја распушти австриската Влада и најави предвремени избори

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, лидер на австриската народна партија (ОВП), ја распушти владата и најави предвремени избори во најкус можен рок. Ваквата негова одлука е последица на скандалот во кој е вмешан коалициониот партнер, Слободарска партија на Австрија (ФПО), објавува Нова ТВ.

Досегашниот вицеканцелар Хајнц Кристијан Штрахе во текот на денот поднесе оставка на функцијата по објавата на тајна видео снимка направена на Ибица во 2017 година што покажува како на наводна ќерка на руски милијардер и нуди државни бенефиции во замена за финансиска помош на неговата партија.

Курц на прес-конференција попладнево истакна дека имал повеќе можности, но, сепак, се решил да му предложи предвремени избори на претседателот на Австрија.

„Можев лесно да се одржам на власт со промена на луѓе во владата и да се правам дека ништо не било. Или да извршам летечка промена со внесување на Социјалдемократската партија (СПО) и повторно да добиеме ист застој во функционирање на владата, нешто што го критикувам со години и што не ` треба на нашата земја. За мене лично тоа не е прав пат бидејќи влегов во политиката да направам нешто за земјата и граѓаните, а не само да заземам некоја функција“, ја објасни Курц својата одлука за предвремени избори.

Австриската јавност синоќа беше погодена од видео снимка на која вицеканцеларот и лидер на ФПО, Хајнц Кристијан Штрахе на наводна ќерка на руски олигарх ` нуди деловни бенефиции во замена за финансиска поддршка. Снимката е направена на 24 јули во 2017 година и на неа се гледа како Штрахе и Гуденус седат и разговараат со наводна ќерка на милијардер од Русија која им тврди дека сака да купи дел од високотиражниот виенски дневен весник „Кронен Цајтунг“.