Во пресрет на 2 Август – Денот на Републиката, претседателот Стево Пендаровски го посети Јордан Цеков-Дане, учесник во Народноослободителната борба и командант на Третата македонска ударна бригада.
Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, Цеков изразил задоволство за можноста да се сретне и да поразговара со претседателот Пендаровски, истакнувајќи дека му претставува особена чест да го прими во неговиот дом.
– Јордан Цеков потсети на сите премрежја и предизвици со коишто се соочувал народот во минатото, за голем дел од активностите кои тој лично ги предводел, во антифашистичката борба, притоа потенцирајќи дека со вистинските сојузници секогаш сме ја избирале вистинската страна.На 2 август 1944 година Цеков бил командант на третиот баталјон на Третата македонска ударна бригада што бил задолжен за непосредно обезбедување на Првото заседание на АСНОМ. Во тој контекст, осврнувајќи се на претстојниот празник Илинден, 98-годишниот Цеков упати порака до сите граѓани, особено помладите генерации, дека ни е неопходно обединување и заедништво, се наведува во соопштението.
Цеков бил учесник во НОБ од 1941 година, командувал со Третата македонска ударна бригада, а подоцна, во повоениот период, бил и пратеник во Собранието на Народна Република Македонија. Автор е на 18 книги за настаните од минатото и досега има објавено 122 статии во весници и списанија. Низ годините со свои научни трудови бил активен учесник на голем број научни собири поврзани со Народноослободителната и антифашистичка војна низ целата држава. Носител е на голем број воени одликувања.