Со 62 гласа „за“, еден воздржан, и ниту еден „против“ Собранието попладнево го избра др. Венко Филипче за министер за здравство.
Премиерот Зоран Заев пред пратениците образложи дека поради локалните избори, а заради правото на избор на тогашниот министер за здравство Арбен Таравари да биде кандидат за градоначалник му престана мандатот и оти за нов член на Владата кој ќе раководи со ресорот здравство го предлага Венко Филипче.
– Се надевам дека денеска Парламентот ќе донесе одлука за избор на министер со што Владата би била комплетирана, наведе Заев.
На 27. седница на Собранието за министер без ресор задолжен за спроведување на Стратегијата на Ромите е избран Аксел Ахмедовски, кој доаѓа наместото на Самка Ибраимовски. Воедно Собранието го разреши Власте Димковиќ од функцијата заменик-министер за земјоделство, шумарство и водостопанство и на негово место го именуваше Благе Цветковиќ. За заменик министер за образование,пак, е избран Арбр Адеми.
На почетокот на седницата беа констатирани оставките на претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски, потпретседателот на ДИК, Реџеп Прекопуца, како и на членовите на ДИК Атанас Урумов, Игор Милев, Субхи Јакупи, Виолета Дума, Сашо Срцев и Силвана Бонева. Ним, како што наведе претседателот на Собранието Талат Џафери, им престанува функцијата и ангажманот во ДИК на лично барање, а пред истекот на мандатот.