петок, 15. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Јанушев: За два дена истекува 30 дневниот притвор на Боки Тредичи и Зоки Кичеец, а Заев се обидува да ја лаже јавноста дека тие двајца сами рекетирале

Јанушев: За два дена истекува 30 дневниот притвор на Боки Тредичи и Зоки Кичеец, а Заев се обидува да ја лаже јавноста дека тие двајца сами рекетирале

За два дена истекува 30 дневниот притвор кој судот им го изрече на популарниот Боки Тредичи и неговиот партнер Зоран Милески Кичеец, а Кацарска обвинителството и Зоран Заев се обидуваат да ја лажат целокупната домашна и меѓународна јавност дека тие двајцата се сами во целата политичко-обвинителска рекетарска афера. Дури ни мало дете веќе не им верува дека пријателот на Заев Боки е толку моќен за да може да тропне на која било врата и да бара рекет од милиони евра, ова денеска на прес-конференција го истакна генералниот секретар на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев.

-Четири недели не се проширува истрагата, иако сите слушнавме како Зоран Заев бил информиран за се и како ја менаџирал работата, а Катица Јанева како порачува да нема секирации бидејќи ќе биде се во ред. Епа господа ништо не е во ред. Ова е премногу срамно и понижувачки дури и кога доаѓа од Зоран Заев и Вилма Рускоска. Додека се форматираат и бришат телефони и компијутери, а Русковска одмара заедно со Јанева, а истрагата за милионските рекети ја водат медиумите и јавноста. Медиумите вчера објавија уште еден фрапантен податок, а тоа е дека Зоран Милески Кичеец бил заштитен сведок во случајот Империја. Јавно прашуваме дали е ова точно? Дали на човекот кој е осомничен за рекет, од страна на СЈО му бил доделен статус на заштитен сведок? Доколку е така, тоа е потврда на бесрамниот мафијашки пристап на оваа власт која бескрупулозно ги злоупотребува институциите за лично богатење и вршење на политички притисоци и уцени на сите кои мислат поинаку од Зоран Заев, потенцира Јанушев.

Тој додава дека колку криминално и подло треба да размислуваш за да креираш план во кој што надвор од законот конструираш случај, наоѓаш заштитен сведок и потоа преку него изнудуваш пари од оние кои си ги таргетирал.

-Зоран Заев и СДСМ, за жал институциите ги претворија не само во легло на криминалот, туку ги ставија целосно во служба на мафијата.   Целата домашна и меѓународна јавност прави притисок  за случајот Рекет и повикуваат на одговорност за Јанева и Заев, а Русковска  наместо да ја прошири истрагата си тера одмор. Катица Јанева е главниот дел од сложувалката, за разоткривање на целата рекетарска мрежа која оди директно до врвот на власт. – До Зоран Заев. Доколку Русковска во најбрз можен рок не побара притвор за Јанева, ќе биде директно одговорна дека ја остава Јанева да влијае на сведоци и уништува докази. Дополнително се отвора опасност истата да го повтори делото или да избега. Јанева наместо на плажа треба да заврши во притвор. Таа е личноста без кој овој рекет не би бил воопшто можен. Дополнително истрагата мора да се продолжи и кон нарачателите во власта, за кои веќе подолг период пишуваат македонските медиуми. Потребна е реакција веднаш. ВМРО-ДПМНЕ бара Заев да собере храброст и да не ја турка повеќе државата кон безизлез, да си даде оставка и Собранието да се самораспушти. Дополнително бараме ЈО кое ќе биде финансиско независно и отпорно на политички влијанија и уцени. Потребна е обнова на Македонија, а Заев мора да си замине, додава на крајот Јанушев.

Најнови вести