вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Меркел апелира за мирно решение за Хонг Конг

Меркел апелира за мирно решение за Хонг Конг

Потребно е да се најде мирно решение за ситуацијата во Хонг Конг, изјави германската канцеларка Ангела Меркел на средбата со кинескиот премиер Ли Кечијанг.

Таа додаде дека трговската војна меѓу Кина и САД влијае врз целиот свет и изрази надеж дека наскоро ќе се реши.

– Се надеваме дека ќе има решение во трговскиот спор со САД затоа што тој влијае врз целиот свет, му рекла Меркел на кинескиот премиер на почетокот од дводневната посета на Кина.

Канцеларката додаде дека Германија е отворена за кинески инвестиции и ги повика сите кинески компании да инвестираат во нејзината земја.

Таа сепак нагласи дека Германија спроведува проверки на инвестициите во одредени стратешки сектори и клучната инфраструктура.

На заедничката прес-конференција во Пекинг со Меркел, Ли рече дека Кина сака да ги спречи немирите во Хонг Конг, каде веќе неколку недели се одржуваат протести.

Ли додаде дека Кина се надева оти Германија ќе прифати уште кинески компании и ќе ги ублажи правилата за извоз на одредени стоки.

МИА