Министерството за здравство ја одзема дозволата за работа на „Санте плус“.
Нивното соопштение го пренесуваме во целост
Ве информираме дека по извршениот вонреден инспекциски надзор од страна на Државниот санитарен и здравствен инспекторат и извештајот за извршен стручен надзор над работата на Приватната здравствена установа “Санте плус гроуп”, утврдени се неправилности во работата на болницата во однос на кадар и опрема, по што Министерството за здравство донесе решение да ја одземе дозволата за работа на ПЗУ „Санте Плус гроуп‘‘.
Во исто време, Ве информираме дека обдукцискиот наод нема да го коментираме, бидејќи е предаден во Основното јавно обвинителство кое отвори истрага за случајот со смртта на родилката од Кичево, информираат од МЗ.
Во оваа клиника почина 31-годишна родилка од Кичево. Трагедијата се случи откако при породување со царски рез во болницата Санте плус, при вовед во анестезија, односно при ставање на тубусот и се затвориле дишните патишта и останала без кислород.
Докторите се обидувале да ја реанимираат, но безуспешно. Бебето по породувањето е пренесено на Клиниката за детски болести, бидејќи одреден период останало без кислород. На пат кон Клиниката за анестезија, реанимација и интензивно лекување (КАРИЛ) пациентката починала.