петок, 12. јануари 2024. Вести денес: 0
home Вести

Кандидатот за еврокомесар за проширување на тест пред европратениците

Кандидатот за еврокомесар за проширување на тест пред европратениците

Оливер Вархелји, кандидатот за комесар за проширување утрово три часа ќе биде сослушуван од европратениците во комисијата за надворешни работи на Европскиот Парламент.

Унгарскиот кандидат за комесар беше номиниран откако европратениците го отфрлија првиот предлог на владата на Виктор Орбан за оваа функција поради утврден конфликт на интереси.

Вархелји до сега е амбасадор на Унгарија при ЕУ, функција што ќе треба да ја напушти доколку биде одобрен од Европскиот Парламент. Се очекува неговото сослушување да биде едно од најбурните, со оглед на тоа дека одреден број европратеници, посебно од редовите на социјалдемократите и зелените сметаат дека портфолиото проширување не треба да му биде доделено на унгарскиот кандидат. Некои европратеници го истакнаа, меѓу другото бегството на Никола Груевски како и односите на Будимпешта со Русија како проблематични и треба да бидат покренати во текот на денешното сослушување.

Сослушувањето започнува утрово во осум часот и ќе трае три часа. Потоа, шефовите на политичките групи ќе му пренесат на претседателот на Европскиот Парламент дали е прифатлив кандидатот за нивните партии. Пратениците не гласаат за кандидатите комесари поединечно, туку за целокупниот состав на идната Европската Комисија.

Денеска ќе бидат сослушани и двајца други комесари кои беа претходно отфрлени од европратениците.

Французинот Тиери Бретон назначен за комесар за внатрешен пазар ќе настапи пред комисиите за внатрешен пазар и за индустрија на Европарламентот. Истовремено ќе се одржи и сослушувањето на романската кандидатка, Адина Валеан, кандидат комесарка за транспорт.

Европскиот Парламент треба да гласа во текот на идната недела за или против новиот состав на Европската Комисија, зависно од тоа како ќе поминат денеска тројцата кандидати.

Избраната претседателка на Европската Комисија, Урсула фон дер Лејн, се надева дека нејзиниот тим ќе може да започне со работа на 1 декември, односно со еден месец задоцнување.

Обединетото Кралство не понуди комесар иако тоа беше побарано од страна на Европската Комисија. Британците треба да ја напуштат ЕУ на 31 јануари 2020.