Американскиот претседател Доналд Трамп не страда од акутни здравствени проблеми. Саботниот медицински преглед беше рутински, изјави синоќа неговиот личен лекар Шон Конли, од американските поморски сили.
– И покрај некои шпекулации, претседателот не чувствувал болка во градите, ниту пак бил прегледуван или лекуван поради итни проблеми, потенцираше Конли.
Неочекуваната посета на претседателот во воената болница „Волтер Рид“ предизвика шпекулации на социјалните медиуми затоа што се случи неколку месеци порано од неговите редовни медицински прегледи.
Конли потенцираше дека Трамп не бил подложен на кардиолошки или невролошки преглед, туку бил дел од рутинската грижа за здравјето на претседателот.
Тој не соопшти многу детали за здравјето на Трамп, но само рече дека холестеролот му е 165 милиграми на децилитар, што е во рамки на оптималните вредности.