Либанскиот претседател Мишел Аун денеска ги одложи разговорите со шефовите на парламентарните групи за именување нов премиер по насилните протести за време на викендот.
Претседателската палата информираше дека консултациите планирани за денеска ќе се одржат в четврток поради специјалното барање на премиерот во заминување Саад Харири. Тој побарал од претседателот Мишел Аун да му даде време за разговори со политичките групи пред почетокот на официјалните консултации.
Откако во медиумите беше објавено дека Харири веројатно ќе биде именуван за нов премиер, на што се противат демонстрантите, за време на викендот ескалираа насилствата. Демонстрантите бараат технократска влада и независен премиер. Во судирите во текот на викендот во Бејрут се повредени над 130 луѓе, соопшти Црвениот крст.