Од помпезно најавувана економска година во која Зоран Заев ветуваше силен економски бум, реално 2020 година ја дочекуваме со големи економски неуспеси за кои главен виновник е неспособната Влада на СДСМ предводена од Зоран Заев. Наместо стапка на економски раст од 5%, сведоци сме на раст помал од 3.5% што во апсолутни бројки значи 150 милиони евра помала додадена вредност во економијата. Стандардот на работниците е далеку од ветувањата на Заев за просечна плата од 30.000 денари.
Се зголемува државниот интервенционизам и непродуктивните трошења на народните пари што се огледа во галопирачкиот тренд на задолжувања и раст на јавниот долг за повеќе од 900 милиони евра во периодот кога СДСМ се на власт.
Спрегата помеѓу политиката и бизнисот, серијата на афери и рекетирања на бизнисмени, недостигот на суштински реформи во економијата, растот на корупцијата и сивата економија, чести непромислени промени во регулативата и даночната политика сериозно ја нарушија деловната бизнис клима и довербата на бизнис секторот. Годинава забележавме пад за 7 места на ранг листана на Дуинг бизнис кој ги мерки реформите и напредокот на земјата во делот на условите за водење на бизнис, а бизнис заедницата ја оцени годината како исклучително тешка за домашните компании. Странските инвеститори и дадоа голема нула на Владата што како потврда се гледа во историски најниското ниво на СДИ годинава.
Она што едиствено испорача СДСМ и Заев годинава е историски најниско ниво на капитални инвестиции во 2019 година. Стапката на реализација на капиталните расходи е под 50% што значи 200 милиони евра помалку реализирани инфраструктурини и капитални проекти за потребите на граѓаните и бизнис секторот.
Наместо реални економски политики за поттикнување на долгорочниот развој на земјата со цел подобрување на животниот стандард на граѓаните, бевме сведоци на популистички и козметички политики насочени кон предизборен поткуп на граѓаните. Резултатот на таквите погрешни економски политики е сериозно намалување на продуктивноста и извозната конкурентност на земјата и влошување на целокупната економска состојба што ги ограничува економските можнсоти на граѓаните поради што тие масовно ја напуштаат земјата.