четврток, 16. ноември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Брестовац: Одиме во нагорна линија – задоволен сум!

Брестовац: Одиме во нагорна линија – задоволен сум!

Македонија ги одигра планираните контроли во пресрет на Европското првенство во ракомет, кое за нас почнува в петок. Со неколку победи, со пораз од Словенија и со уште некои „ситници“ за поправање во играта, селекторот Данило Брестовац има причини за задоволство.

Ако настапите на трофеј „Карпати“ не беа мерило, бидејќи и ние и останатите не играа комплетни, двете пријателски во Словенија требаше да дадат некаква слика и за нас и за тоа каде е Македонија во однос на противниците. Брестовац е задоволен од таа слика и вели дека одиме во нагорна линија. Секако, потенцира и дека имаме уште за коригирање.

„Одигравме два натпревара релативно ‘мирни’, без резултатски притисок. Целта беше со повеќе ротации да се сочуваме за она што претстои, а воедно и да ги пробаме некои играчи на некои позиции. Задоволен сум дека сме во нагорна линија. Се уште не е онаа воиграност на потребното ниво, но тоа и најмалку го работевме. Имаме сега уште неколку дена во кои ќе се обидеме да се дигнеме ментално, физички и тактички.“, вели селекторот.

Дополнителни промени во планот за ЕП му направи повредата на Велко Маркоски, така што ќе мора уште малку да го „гланца“ конечниот состав на Македонија, со минимален процент на надеж дека можеби дефанзивецот ќе се оспособи по повредата на окото, на мечот со Словенија во петокот. Останува да реши кои голмани патуваат на ЕП и кој десен бек, како потпора за Кире Лазаров, со оглед дека другите позиции се, горе-долу, јасни.

Евро 2020 за Македонија почнува в петок, со дуелот против Украина во 20.30 часот.