Заврши проектот „Виена 2020“ за ракометната селекција на Македонија која по воведната победа над Украина, врза два порази од Чешка и Австрија денес со што заврши на третата позиција од групата Б.
Во одиграните три натпревари освен денес кога беше одлично затворен, Лазаров покажа дека е незаменлив во нападот на нашата селекција. Она што недостасуваше беше поддршка токму од бековските колеги, како Кузмановски и Талески.
По средбата Филип Кузмановски беше запрашан што понатаму, како ќе продолжи на клупско ниво, каде што не игра редовно во Магдебург, но и баражите за следниот Мундијал догодина. Бекот истакна дека ќе се бори да напредува и да прерасне во важен играч за клубот и репрезетацијата.
„Ќе се борам за минутажа. Посветен сум да напредувам, одбрав клуб каде што тоа е возможно. Враќање назад нема, мора да се мине преку овој турнир. Сепак сум на почетокот на кариерата во репрезентацијата. Јас сум во клуб што се бори за висок пласман во Бундеслигата, нормално секој бара резултати. Сега ќе се посветам на себе, морам да напредувам“, истакна ракометарот на Магдебург.
Веќе за следното големо натпреварување, Светското првенство кое ќе се игра догодина во Египет, нашата селекција ќе мора да мине потежок пат, бидејќи се очекува да го загуби носителското место во баражот.
извор: gol.mk