вторник, 12. март 2024. Вести денес: 0
home Вести

Поучно послание до Људмил Спасов

Поучно послание до Људмил Спасов

По повод 21 февруари, меѓународниот ден на мајчиниот јазик

Јазикот е систем од знаци што служат за меѓусебна комуникација. Да, ова е една од најприфатените определби за јазикот во светот. Точно е тоа дека јазикот е најсложениот систем за комуникација на Земјава, но не поради бројноста и различноста на јазиците во светот, не и поради сложените граматички правила што постојат во нив. Тој е најсложениот систем за комуникација поради вредноста на духот што го носи во себе. Со овој дар од Бога се љуби и се мрази, со него се радуваме и тагуваме, можеме да мечтаеме, ама и да страдаме, а со писмото сето ова го запишуваме, ставаме печат на нашето постоење. Писмото е неизбришлив белег за тоа што е создадено во минатото, за тоа што го живееме сега и за тоа што се задолжуваме во иднината. Тоа е непрекината низа печати за постоењето на човекот. Технологијата го движи светот напред, притоа создавајќи и други системи за комуникација, но ниту еден од нив го нема надминато дарот над даровите даден од Бога за човекот – јазикот. Како што се создавале јазиците така се создавале и народите. Јазикот станува препознатлив нишан за специфичноста на секој народ одделно. Тој почнува да го придружува начинот на живеење на народот, отпрво пренесувајќи го сознанието од колено на колено, а потоа и со преточената мисла на пергаментот, хартијата… на писмото, создавајќи ја традицијата – стожерот за опстојување на секој народ. Нашиот јазик, македонскиот, ги помина негодувањата, оспорувањата и сите удари што треба една вредност да ги помине до патот на виделината. Секој јазик кога ќе израсне до степен на стандард, стандардизира одреден фонолошки, морфолошки, синтаксички и лексички систем. Македонскиот јазик тоа го постигна во последните седумдесеттина години. Во текот на овие години се извршени одредени измени, но тие не влијаат којзнае колку врз почетната стандардизација.

Република Македонија, сметајќи дека јазикот е првиот препознатлив белег што го има еден народ, донесе неколку законски прописи со кои се озаконува вредноста на македонскиот јазик: Законот за употребата на македонскиот јазик, Законот за заштитата на културното наследство и Законот за ратификација на Конвенција за заштита на нематеријалното културно наследство (УНЕСКО). Со овие прописи македонскиот јазик е третиран и како културно наследство – завештание што сме го наследиле од нашите предци и како културно богатство – благодет кој го користиме во сегашноста, но и аманет за идните поколенија.

Овде ќе направам една синхрона дигресија и за момент ќе се навратам на неодамна предложениот Закон за употребата македонскиот јазик. Имено, во новиот текст македонскиот јазик се определува само како нематеријално културно наследство, но не и како културно богатство. А не може да се определи како културно богатство затоа што, пак, во предложениот нов текст на Законот за остварување јавен интерес во културата – кој патем речено е lex generalis за законите во надлежност на Министерството за култура – терминолошката определба културното богатство е сведено на ниво на творештвоНавидум, наивна игра на зборови. Но не секое творештво е и културно богатставо, а ако нема продукција на културно богатставо, тогаш, во иднина, ќе нема што да остане како трајна културолошка вредност, односно културно наследство. Оваа, навидум наивна игра на зборови, всушност, е суптилна и озаконета основа за разградување на вредноста на македонскиот јазик, на македонскиот идентитет и воопшто – на македонското ткиво.

Ако пред десетина века нашите просветители го создадоа писмото и го просветлија народот, и со тоа го создадоа почетокот, тогаш, во денешново време, проектите од типот на Бушавата азбукаГоворете македонскиХигиена на јазикот, во продукција на Македон­ската радио и телевизија, потоакампањата во 2008-таГо чувам своето – додека пишувам на кирилица постојам, во организација на Македонската информативна агенција и Маркетинг агенцијата Идеја плус комуникации, всушност, претставуваат мисии за негување, одржување и продолжување на зачекорувањето од пред десетина века.

Меѓутоа, меѓу почетокот и денешните проекти за јазикот, нашата црква, нашите собирачи на умот народен, нашите први учени во словенските центри, се потпори преку кои нашите букви преминаа од пергамент на компјутерски екран. Денес имаме закони и прописи што го уредуваат ова наше духовно културно и богатство и наследство, и тоа е сосема во ред. Но тие само ѝ помагаат на нашата желба за опстојување на јазикот. Ниту еден закон, ниту еден пропис не може да биде посилен од желбата и волјата на народот за постоење на сопствениот јазик – на македонскиот јазик.

м-р Александар Јорданоски

Најнови вести