сабота, 2. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Притисок во оваа состојба врз наставниот кадар и учениците нѐ доведе до учење за оценка, а не за знаење!

Притисок во оваа состојба врз наставниот кадар и учениците нѐ доведе до учење за оценка, а не за знаење!

Пандемијата од коронавирусот КОВИД-19 покрај проблемите коишто ги предизвика за наше отежнато секојдневно живеење предизвикува и огромни економски последици, но за жал и катастрофално влијание врз образовниот процес во целина во Македонија. За жал и претходно целото образование беше кревко, за сега да се соочува со уште поголема закана за негов целосен колапс.

Далечинското учење за учениците или онлајн наставата се реализира во време кога во државата се соочуваме без вистинска стратегија за образованието, никаква стратегија за компјутеризација на образованието, нецелосна координација на надлежните институции, нескратена наставна програма за реализација во вонредна состојба, недостаток на претходна и моментална обука на учениците и професорите за употреба на ИКТ во наставниот процес и да не заборавиме дека воопшто учениците не ги добија најавуваните учебници по одредени предмети. Треба да бидеме свесни дека во овој период масовно се импровизира во образовниот процес, особено што се инсистира и потенцира влијанието врз формирањето на крајните оценки за учениците.

Факт е дека наставниците и професорите го даваат својот максимум, за да им излезат во пресрет на учениците во ова време-невреме, за доброто на сите. Но, да бидеме реални дека сите онлајн платформи и дигитални алатки не се достапни и не им се од корист на сите ученици, а посебно од руралните и социјално-ранливите средини. Воопшто не се размислува за учениците со посебни образовни потреби за создавање соодветни услови за совладување на знаењата. За сите ученици, особено за тие од социјално-ранливи категории кои имаат потреба од обезбедување на опрема за следење на онлајн настава истата итно да се обезбеди. Само со квалитеткна унифицирана платформа и соодветна техничка опрема за ученици од семејства со загрозен социјален статус може да зборуваме за успешно спроведување на наставниот процес. Не смееме да си дозволиме да ги ставаме учениците во нерамномерна положба. Многу од децата воопшто не поседуваат, не ги користат и не знаат да ракуваат со уредите за информатичка технологија, а што е многу важно особено за најмалите дека поседуваат и слаба концентрација да следат онлајн настава. Да не се заборави и дека платформата е-училница сè уште не е достапна за учениците во средното образование и тие се надвор од  национална платформа за следење на онлајн настава.

Мора да потецираме дека ако кај учениците недостасува опрема, тогаш кај наставниците и професорите недостасува владеење со дигиталните технологии. Не сите од колегите се покреативни и со поголема дигиталната писменост. Но тука доаѓа до израз и вклученоста на родителите. Притисокот се рефлектира и врз нив со тоа што се тестира и нивното трпение.

Секојдневно се чувствуваат напнатата состојба, загриженоста, стравот и прекумерните обврски на сите. Административните обврски на наставниците и професорите наместо да се намалуваат во вонредна состојба тие продолжуваат. Списоци, табели, податоци и најтрагичното нереално пополнување на наставните содржини во е-дневник. Најголемата опасност е тоа што се создава притисок материјалот да се совлада во определно време. Предложениот рок за оценување создава притисок врз учениците и професорите, но и нереални оценки.

Затоа да престане да се врши дополнителен притисок врз наставниците и професорите, а со тоа и на учениците и семејствата. Само со контролирано одвивање на учење и домашни задачи во домашни услови и без непотребно оптоварување на учениците ќе се постигне позитивен ефект и суштинскиот успех, а во спротивно наметнатиот притисок врз наставниот кадар и учениците доведува до учење за оценка, а не за знаење!

Покрај тоа потребни се системски и темелни промени со цел промена на образованието. Тоа ќе се постигне само ако се работи на компјутеризација и дигитализација во образовниот процес, како и современа ИКТ опрема во училиштата за учениците и наставниците.

За крај, две препораки до Министерот за образование и наука, едната во корист на наставниците – Да прекинат административните работи и притисокот врз сите во ваква вонредна состојба, додека втората за учениците – Да биде укината државна матура за оваа учебна година!

Колумна на Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература.

Најнови вести