четврток, 30. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Колумна на Христина Серафимовска: Психологија на љубовта „Гоце Делчев и Бугарите“

Колумна на Христина Серафимовска: Психологија на љубовта „Гоце Делчев и Бугарите“

Отсекогаш ми висело неодговорено прашањето -Зошто Бугарите го сакаат Гоце?

Веднаш да кажам дека ова е само едно мое видување, логички патепис, обид да фрлам светлина на една така загонетна љубов.

Тоа не е обична љубов. Тоа е една љубов со таков незгаснат жар и истрајна димензија што е својствена само за нечиј копнеж по нешто што никогаш не го имал и не било негово. Нешто што веројатно е туѓо и некому е многу вредно. Би рекла тоа е една помалку фанатична фиксација кон нешто што во себе несомнено крие недореченост, нејасни намери или можни фрустрации. По дефиниција фрустрацијата подразбира повредени чувства, грч од негативни емоции како резултат на попреченост во намерата да се реализираат одредени мотиви, желби, цели.

Се крие ли зад бугарската љубов кон Гоце токму една ваква длабока фрустрација? Од каде потекнува целата нелогичност на едно вака навидум благородно чувство?

Би рекла, не е сомнителна бугарската потреба да го признае гоцевото потекло за свое, за бугарско. Сомнително е нивното инсистирање на таквото потекло. И овде веднаш се отвораат прашањата зошто неговото потекло им е толку важно на Бугарите? Што ли им треба да докажат со тоа? Зошто некој што животот го дал за друга нација би им бил потребен, та и цели градови да именуваат по него?

Да, на Бугарите Гоце во суштина им е потребен!

Делчев како идеолог, револуционер и водач на македонското револуционерно национално ослободително движење од почетокот на XX век е составен дел од столетната борба за сопствена држава на Македонците, која што се реализирала дури во 1944 г. Ако државноста е онаа која откако сме ја утврдиле ни дала простор да го дефинираме јазикот, истиот оној јазик кој што е трн во окото на Бугарија и до ден денешен не го признаваат, тогаш зошто делото на една ваква историска личност им е потребно на соседите? Зарем е возможно да се гордеете со личност чие што дело не го признавате?

Ерих Фром вели: „Сакањето е продуктивна активност. Тоа подразбира грижа, разбирање, реагирање, афирмација, уживање кон личноста, идејата… Тоа значи оживување, зголемување на нејзината виталност. Љубовта е чин на самообновување и самоодржување“. Но јас овие елементи не можам да ги препознаам кај однесувањето на соседите.

Поентата е дека постои разлика во љубовта кон Делчев на Македонците и онаа која што ја демонстрираат Бугарите.

Македонското сакање е „Те сакам – Ти се восхитувам“, тоа е сакање на воодушевување и афирмирање. Бугарското сакање е „Те сакам – За себе“, тоа е сакање со потреба за присвојување. Присвојувањето во суштина претставува поседување, а со работите кои ги поседувате правите што сакате. Тие се ваша своина и служат на вашите потреби. Токму тоа е суштината.

Дали треба да прашам што би направила Бугарија со производот од делото на Гоце Делчев кое децении наназад индиректно, но жестоко го оспорува.

Дали ќе го воздигне и ќе го промовира? Или пак јазикот како производ на државноста, градена на гоцевата идеја и борба, ќе го сведе на јазична норма „западно бугарски дијалект“? Народот ќе го признае и ќе го чувствува и чествува за македонски или по аналогија со бугаркото потекло на Делчев ќе извлече заклучок за „еден народ меѓу кој времено се испречила граница“?

Во моментите кога вон науката се обидувате да докажувате и оспорувате посебноста на македонскиот народ и дека не постои македонски јазик, бидејќи тоа е еден ист јазик на кој зборува ист народ, сте ја нагризале државноста. Со тоа сте ја уништиле неговата, гоцевата идеологија. Сте го убиле делото на Гоце- Македонецот! Сте го убиле Гоце!

Ете затоа Гоце не е и не може да биде туѓ, ничиј освен Македонски. Не, не даваме да го присвоите и да го уништите Гоце!

За среќа далеку сме од можноста некој друг да одлучува за нас, но убаво е понекогаш да продискутираме и за намерите. Оние туѓите.

Не затоа што сме должи да се објаснуваме, не сме. Туку затоа што сите треба да знаат зошто за некои прашања воопшто не треба да се дискутира!

 

Христина Серафимовска

Најнови вести