среда, 28. февруари 2024. Вести денес: 0
home Вести

НЕСПОСОБНИ

НЕСПОСОБНИ

Колумна на Никола Мицевски:

Неколку денови размислувам на која тема би можел да пишувам во оваа колумна. Не е дека немам или не знам за што да пишувам, баш напротив имам на ум повеќе од доволно актуелни теми и проблеми кои што успешно или не, досега беа криени или игнорирани, а сега конечно излегоа на виделина. Теми кои што сами по себе се премногу скандалозни и катастрофални, теми и проблеми кои пукнаа како меур од сапуница кој што власта преку својата пропагандна машинерија вештачки го дува веќе цели три години.

Но за среќа, конечно тој огромен меур, целиот тој систем од лаги, пукна и се сруши како кула од карти. Сведоци сме денес како државата и нејзиното нормално фунцкионирање полека но сигурно, пука речиси по сите шавови, а ние, граѓаните на Република Македонија ги гледаме и трпиме резултатите и последиците од лажната реалност и погубните политики кои што СДСМ ги создаде и спроведе досега.

НЕЛИ до вчера блескавме, НЕЛИ бевме лидери во регионот во многу сфери, НЕЛИ држевме лекции по економија, НЕЛИ бевме светол пример на Балканот од кого ќе учат останатите земји, НЕЛИ бевме држава без корупција и криминал, НЕЛИ бевме земја каде што нема да има сиромаштија, земја каде младите нема повеќе да се иселуваат, НЕЛИ бевме правна држава, НЕЛИ Буџетот беше полн, НЕЛИ јавното здравство цветаше, и конечно и најактуелно, НЕЛИ успешно се справивме и го победивме Корона вирусот!?! Ви текнува на се’ ова, НЕЛИ ?

Сепак за жал, има уште многу „НЕЛИ“ кои во овој период на сите ни стана јасно дека беа само празни флоскули, лажни ветувања и „купи ден, помини“ политики на СДСМ ! Очигледно е дека реалната и фактичката состојба во сите сфери од нашето живеење во Република Македонија е светлосни години подалеку од онаа што СДСМ ни ја промовира изминативе години.

Размислувајќи како преку оваа колумна да го пренесам она што го имам на ум и она што сакам да ви го кажам, ми текна на еден навидум обичен збор со негативен контекст, збор кој совршено одговара на луѓето кои што моментално ја водат Република Македонија. Тоа е зборот НЕСПОСОБНОСТ. Решив токму овој збор да биде суштината на мојата колумна, бидејќи во суштина тој е и главниот извор на сите проблеми и цела лакрдија која ни се случува на сите нас веќе неколку години.

Па да почнеме со ред,

Секогаш кога ќе се спомене СДСМ, мене веднаш ме асоцира на зборот НЕСПОСОБНОСТ, но може и обратно, сеедно. А зошто баш токму тој збор? Еве зошто.

Зборот НЕСПОСОБНОСТ сам по себе има десетици слични или сродни зборови со кој му се совпаѓа основното или пренесеното значење. Тоа по дефиниција претставува СИНОНИМ. Имено, синоними на зборот НЕСПОСОБНОСТ се неподготвеност, немоќ, неодговорност, неефикасност, некомпетентност, нестручност, непринципиелност, нефункционалност, неозбилност, безидејност, корумпираност, непромисленост, неискреност итн.  Случајно или не, сите овие синоними на зборот НЕСПОСОБНОСТ како карактеристика за себе, ги поседува и практикува токму СДСМ. И не го велам и тврдам ова напамет, туку го поткрепувам со непобитни факти и класични примери.

Оттука, синонимот НЕПОДГОТВЕНОСТ можеме да кажеме дека многу потсетува на неподготвеноста на СДСМ да се справи со актуелната пандемија предизвикана од Корона вирусот која зема се поголем замав и станува се поопасна. Неподготвеноста и несериозноста на СДСМ уште од почетокот на пандемијата преку недостиг на заштитна медицинска опрема за медицинскиот персонал. Кога СДСМ не се грижи за медицинскиот персонал кој е прв на удар и најзагрозен од овој вирус, што можеме да очекуваме од нив за останатите граѓани. Но и неподготвеност на СДСМ да обезбеди доволен број на тестови и тестирања на потенцијалните граѓани заразени од Корона вирусот, лажирање и манипулирање со бројките на заразени. И најново, преку ноќ воведување, па укинување, па повторно воведување на три или четиридневен полициски час и играње со нервите и трпението на народот.

Синонимот НЕМОЌ, многу наликува на СДСМ поради нивната немоќ да воспостави вистинска контрола на теренот со цел заштита на граѓаните од ширење и ескалирање на Корона вирусот. Демонстрирање немоќ и правење константни опструкции поради страв од законското и ефикасното работење на министерот за внатрешни работи Наќе Чулев, најмногу поради неговите резултати во справувањето со криминалот пристутен во власта.

Синонимите НЕСТРУЧНОСТ, НЕОДГОВОРНОСТ и НЕКОМПЕТЕНТНОСТ совршено одговараат на СДСМ преку однесувањето на нивните партиски кадри и државни функционери кои поради неодговорно и нестручно однесување доведоа во опасност многу граѓани непочитувајќи ги мерките за заштита, недржење дистанца при средбите, како и предвремениот почеток на кампањата за избори каде партиските функционери на СДСМ игнорирајќи ги мерките и неводејќи грижа за здравјето на граѓаните. Токму ова доведе до речиси пола партиско раководство на СДСМ да биде заразено и позитивно на Корона вирусот.

Синонимот БЕЗИДЕЈНОСТ потсетува на СДСМ поради немањето на концепт и идеја како да ги решаваат секојдневните проблеми на граѓаните. Наместо системски и квалитетни решенија, ние сме сведоци како СДСМ аматерски и на краток рок ги „решава“ проблемите на граѓаните. Немање на никаква идеја како вистински да му помогнат на бизнис и приватниот сектор кој е најпогоден од Корона вирусот. Празниот Буџет е најголем доказ за нивната безидејност и незнаење кое резултираше со огромно задолжување кое ќе го отплаќаат генерации и генерации во иднина.

Синонимот КОРУМПИРАНОСТ претставува можеби најдобриот и најадекватниот синоним кој го опишува СДСМ во целост. Изминативе три години, се изнагледавме голем број на скандали каде има основано сомнение дека станува збор за тежок криминал и корупција. Еден од поновите и поголемите е скандалот со огромните хонорари земани преку фирми фантоми на довчерашниот директор на Фондот за здравство, Ден Дончев. Сомнителниот обид за набавка на респиратори од Бразил од страна на Венко Филипче. Поткупот со зејтин и компир во струмичко на социјално загрозените граѓани во екот на пандемијата и злоупотреба на нивните судбини. Списокот е прилично долг и нема доволно место само да се набројат во оваа колумна.

НЕИСКРЕНОСТ и НЕПРИНЦИПИЕЛНОСТ, исто така тоа е заштитен знак на СДСМ. 99% од она што го ветија на изборите во 2016 година, не исполнија. Освен укинувањето на радиодифузна такса од 180 денари, нели!? Ветуваа брда и планини, се расфрлаа со ветувања иако знаеја дека се нереални. Ветија зголемени плати во здравството, бесплатно лекување, автопатишта, 500 евра плата, нов Клинички центар, (и по три години, добивме само паркинг), редовни и поголеми субвенции за земјоделците, работа за младите и уште многу голем број на ветувања кои никогаш не ги исполнија и нема да ги исполнат. Впрочем, тоа е начинот на кој СДСМ функционирал отсекогаш, така и ќе остане засекогаш. Тие не ни знаат поинаку.

Токму овие навидум обични синоними и зборови, токму ваквото однесување на СДСМ, ќе им пресуди на следните избори, кога и да се одржат. Граѓаните ќе им ја испорачаат сметката за сето ова што го направија. На крајот од оваа колумна, би сакал да им порачам на колегите од СДСМ дека ВМРО-ДПМНЕ како најголема македонска партија и организација секогаш е спремна да излезе на избори и убедливо да ги порази, но нагласувам и потенцирам дека во овој момент, во периодот што следи, најдобро е целата држава и сите нејзини расположливи ресурси да се насочат кон успешно справување со пандемијата, наместо да се брза, расфрла и лицитира со датуми за избори со цел да се спасат нечии политички кариери од врхушката на СДСМ.

Никола Мицевски

Најнови вести