Водечките германски партии договорија пакет-мерки во вредност од 130 милијарди евра, што ќе ѝ помогнат на економијата да излезе од кризата предизвикана од пандемијата на коронавирус, соопшти канцеларката Ангела Меркел по маратонските преговори што траеја два дена.
Милијарди евра ќе бидат потрошени за да им се помогне на индустриите засегнати од кризата, дополнително ќе бидат финансирани оние области каде невработеноста се зголемила, а еднократниот бонус од 300 евра по дете ќе биде исплатен со други бенефиции поврзани со децата.
Значајно ќе биде и зголемувањето на субвенциите за набавка на автомобили, но само на оние со електричен погон. Автомобилите кои користат фосилни горива се исклучени од оваа мерка.
Исто така, било договорено ДДВ-то да се намали од 19 на 16 проценти, а пониската стапка од 7 на 5 проценти, објави агенцијата ДПА, повикувајќи се на документот за одлуката.
Вкупниот износ на финансискиот пакет во голема мерка ги надмина очекувањата на јавноста. Во претходните написи се најавуваше дека владејачката партија разгледува пакет со вкупна вредност од 80 милијарди евра.