четврток, 14. декември 2023. Вести денес: 0
home Ракомет

Вујин потпишува за Вардар?!

Вујин потпишува за Вардар?!

Најтрофејниот македонски ракометен тим Вардар крои тим за наредната сезона, недостасуваат среден и десен бек, имињата да го носат „црвено-црниот“ дрес се нудат, а едно од нив кое проструи во јавноста е доста звучно.

Се работи за 35-годишниот десен бек Марко Вујин. Шутерот, кој е еден од најдобрите во историјата на Лигата на шампионите, си замина од Спортинг Лисабон и моментално е слободен агент. Бара тим за новата сезона, а „Балкан Хендбол“ пишува дека двете страни се на линија.

Вујин играше за Спортинг од 2019 година, а претходно ги носеше дресовите на Кил, Веспрем, Дунафер и Синтелон. За репрезентацијата на Србија тој игра од 2003 година и има над 130 настапи со 490 гола.

Вардар по заминувањето на Толедо во Баја Маре има само еден десен бек, а тоа е Томислав Јагуриновски. Тимот од стартот на овој месец официјално ја започна „новата ера“ под водство на Михајло Михајловски.

Досега, Вардар ги донесе Филип Талески, Гоце Георгиевски, Томислав Јагуриновски, Дмитри Санталов и Робин Кантрегел.