понеделник, 11. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Прогласена осумдневна вонредна состојба, институциите и партиите се подготвуваат за избори на 15 јули

Прогласена осумдневна вонредна состојба, институциите и партиите се подготвуваат за избори на 15 јули

Партискиот договор за одржување на предвремени парламентарни избори на 15 јули годинава, синоќа резултираше со прогласување нова вонредна состојба од страна на претседателот на државата Стево Пендаровски во траење од осум дена. Следно што треба да се очекува е претседателот на Собранието Талат Џафери да потпише ново решение за одржување на изборите на 15 јули, што би можело да се случи уште денеска, а Државната изборна комисија потоа да донесе нов роковник за изборите.

Најголемите политички партии во земјата СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ по речиси двомесечни напори вчера постигнаа договор предвремените парламентарни избори да се одржат на 15 јули. Предвремените парламентарни избори требаше да се одржат на 12 април, но по прогласувањето на првата вонредна состојба поради кризата со коронавирусот во март, со владина Уредба изборните дејствија беа прекинати.

Изборниот ден за разлика од претходно ќе биде во среда, која ќе биде прогласена за неработен ден, а во понеделникот и во вторникот ќе можат да гласаат болните, вклучувајќи и оние со Ковид-19 и лицата во изолација и самоизолација, како и затворениците. Молкот ќе настапи на 12 јули, недела, на полноќ. До ова решение дојде по барање на опозициската партија која поради бројот на заболени од коронавирусот во земјата сакаше дополнителни здравствени протоколи и присуство на набљудувачката  мисија на ОБСЕ/ОДИХР. Парламентарните избори во Македонија ќе се одржат со мерки за заштита од ширење на коронавирусот, а изборниот ден ќе биде продолжен за два часа, и наместо во 19:00 гласачките места ќе бидат затворени во 21:00 часот.

Со постигнувањето на договорот меѓупартиските лидери за избори на 15 јули, се верува дека земјата ќе избегне уште една политичка криза, покрај здравствената и економската со која се соочува поради состојбите со коронавирусот. Македонија функционира со техничка Влада која требаше да организира избори од февруари годинава, како и без Парламент кој се самораспушти поради изборите што требаше да се одржат на 12 април.

Нова вонредна состојба поради изборите

Во Македонија од денеска има нова, петта, вонредна состојба која, како што објаснија од Кабинетот на претседателот на државата Стево Пендаровски е со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите. Одлуката е донесена врз основа на член 125 и член 126 од Уставот на Република Македонија, по поднесениот предлог од страна на Владата и е во времетраење од осум дена, почнувајќи од 15 јуни 2020 година.

длуката за прогласување на вонредна состојба се донесува со цел да се овозможи непречена подготовка на изборите, а особено спроведување на мерки за заштита на јавното здравје за време на изборниот процес, во услови на пандемија на Корона вирусот прогласена од СЗО, стои во соопштението.

Вонредната состојба во времетраење од осум дена ќе овозможи непрекинато да се одвива изборниот процес, да се донесе решение за изборите од страна на претседателот на Собранието и изменет роковник од страна на ДИК за изборите на 15 јули. 

Претседателот Пендаровски очекува деновите од вонредната состојба да бидат искористени единствено да се донесат неопходните одлуки и протоколи за организирање и спроведување на изборите, со акцент на мерките за заштита на јавното здравје.

Очекувањата на шефот на државата се предвремените парламентарни избори да бидат фер, слободни и демократски, имајќи ја предвид евроатлантската перспектива на земјата.

Најнови вести