Венецуела во периодот меѓу 2021 и 2026 година ќе го зголеми бројот на места во Националното собрание за две третини, или на 277 пратенички мандати, соопшти Националниот избирачки совет на земјата, пред изборите што треба да се одржат во текот на оваа година, а за кои опозицијата тврди дека нема да бидат фер.
Индира Алфонсо, претседателката на Националниот изборен совет, за државната телевизија изјави дека зголемувањето на бројот на пратеници е неопходно заради зголемувањето на бројот на политички партии што ќе учествуваат на годинашните парламентарни избори, пренесуваат британските медиуми.
Во Национално собрание на Венецуела во моментов има 167 пратенички места, а во следното свикување оваа бројка ќе се зголеми на 277.
Актуелната претседателка на Националниот избирачки совет на ова афункција ја назначи Врховниот суд, близок до претседастелот на земјата Николас Мадуро, како и четворица други членови на ова тело, предизвикувајќи критики од опозицијата, што овој потег го протолкува како индикација дека претстојните избори нема да бидат фер.
Како таков потег опозицијата го протолкува и отстранувањето од функциите на лидерите на двете клучни опозициски партии, на чие место се поставени политичарите кои се под сомнеж за тајни сојузништва со владеачката Социјалистичка партија.
Парламентарните избори се закажани за крајот на годинава, но Националниот избирачки совет се уште не го дефинирал точниот датум.
Опозицијата во последните пет години го задржа мнозинството на пратенички места во Националното собрание, а секое губење на контролата врз него ќе ја комплицира позицијата на Хуан Гуаидо, кого десетици западни земји го признаа за легитимен лидер на Венецуела.