Високиот претставник на Европската унија за надворешни работи и безбедносна политика Жозеп Борел изрази жалење поради одлуката на турските власти Света Софија повторно да стане џамија.
– Одлуката на турскиот Државен совет да поништи една од модерните одлуки на Турција и одлуката на претседателот (Реџеп Тајип) Ердоган, споменикот да се даде под управа на Дирекцијата за верски прашања е за жалење, истакна Борел.
Тој потсети дека Турција е една од оснивачите на Сојузот на цивилизации, кој е посветен на промоција на меѓуверски и меѓукултурен дијалог и негување на толеранцијата и соживотот.
Ердоган вчера потпиша декрет со кој Света Софија повторно ќе биде џамија. Тој го потпиша указот откако турскиот Високиот административен суд ја поништи одлуката на Советот на министри од 24 ноември 1934 година за пренамена на Света Софија од џамија во музеј. Тој најави дека на 24 јули во Света Софија ќе се одржи петочна молитва.
Турскиот претседател истакна дека барањата Света Софија да остане музеј е исто како „ да се бара Ватикан да се претвори во музеј и да се затвори за богослужба“. (МИА)