Четири работни дена за завршување на процедурата за носење на реформските закони имаат пратениците пред новиот Извештај за напредокот на земјата што ќе биде објавен следниот вторник, на 17 април.
Финалната интензивна собраниска агенда ќе биде позната по денешната средба на претседателот на Собранието Талат Џафери со координаторите на пратеничките групи, јави МИА. Извесно е дека законите би требало да бидат донесени најдоцна до петок. Во среда, пак, според очекувањата на опозицијата, треба да се одржи седница за доверба на Владата за што барање потпишаа 41 пратеник на ВМРО-ДПМНЕ.
Во Собранието, според агендата на веб-страницата, за денеска има закажано четири собраниски седници од кои три со по една заостаната точка и неколку комисиски заседанија. Дел од овие точки се токму реформските закони.
На 34. седница е реформскиот закон за судовите, на 35-та се дополнувањата на Законот за јавното обвинителство и Законот за кривична постапка, во второ читање, а закажана е и 22. седница со една заостаната точка, измени и дополнувања на законот за Заштита на сведоци, по скратена постапка. Зажана е и 41. седница со неколку точки кои не се од реформскиот пакет.
Се очекува во четврток да биде закажана уште една собраниска седница на која на дневен ред ќе се најдат пакетот закони за следење на комуникациите. Собраниската Комисија за одбрана и безбедност, на која на дневен ред се предлозите на законите за следење на комуникациите и за ОТА, двата во второ читање, и измените и дополнувањата на Законот за оружјето, ќе заседава денеска, со што се очекува да се создадат услови тие да се најдат пред Собранието. На оваа собраниска седница би требало да учествуваат и пратениците на опозициската партија. Нивното учество во работата на Парламентот најнапред беше условено со притворот на нивните колеги од ВМРО-ДПМНЕ по насилствата од 27 април, а потоа откако тие беа ослободени или се во домашен притвор, решија да седнат во собраниските клупи на седница за интерпелација на Владата. Па така таа седница се очекува да биде во среда, а во четврток веќе и тие да гласаат за реформските закони, за кои и нивниот претседател Христијан Мицкоски кажа дека има постигнато договор.
Освен внатрешните, активностите продолжуваат и на надворешен план со новата билатерална средба меѓу министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција, Никола Димитров и Никос Коѕијас на 12 април во Охрид за изнаоѓање решение за спорот за името.
МИА