Конститутивната седница на новиот парламентарен состав ќе се одржи во вторник на пладне под посебни протоколи поради коронавирусот и во друга собраниска сала – Голема купола. Во исто време, партиите меѓусебе, преговараат за формирање коалиција со која ќе се обезбеди мнозинство од 61 пратеник.
Конститутивната седница ќе се одвива според протоколи и критериуми што се утврдени во претходна координација со претседателот на Комисијата за заразни болести, д-р Жарко Караџовски, со единствена цел да се намали ризикот од евентуално ширење на заразата од корона вирусот, соопшти вчера собраниската прес-служба.
На пратениците, на гостите и на претставниците на медиумите при влезот во зградата на Собранието ќе им биде мерена телесна температура, по што ќе им биде овозможено да влезат во зградата. На сите влезови ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција.
– Бидејќи станува збор за вонредни околности и е неопходно одржување на задолжителна физичка дистанца меѓу пратениците, конститутивната седница ќе се одржи во Големата сала на Собранието на Република Северна Македонија, односно во салата позната во јавноста како Голема купола. Пратениците ќе бидат на соодветна дистанца и ќе им биде обезбедена заштитна опрема. Гласањето на седницата ќе се одвива рачно (со картончиња), а од седницата ќе има директен пренос на Собранискиот канал на Националниот радидифузен сервис МРТ, најавува собраниската служба.
Пренос од конститутивната седница гостите ќе следат од пленарната сала „Македонија“, каде што ќе биде обезбедена неопходната физичка дистанца. Во текот на денот, во сите простории каде што има активности, по нивното завршување ќе се прави дезинфекција. Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести и за претставниците на медиумите ќе важат одредени протоколи за следење на конститутивната седница, со цел да се намали ризикот од ширење на коронавирусот.
За да се избегне поголемо групирање, конститутивната седница ќе може да ја следат најмногу по двајца претставници од секој медиум. Согласно препораките на Комисијата за заразни болести, капацитетот на просторот дозволува најмногу 50 претставници на медиумите.
– Во согласност со препораките на Комисијата за заразни болести, во Собранието на Република Северна Македонија нема да работат Клубот на пратениците, ресторанот и бифето што се наоѓа во прес-центарот. Со цел да се обезбеди поголема здравствена заштита, а со оглед на тоа дека станува збор за голем настан, кој ќе се одвива во затворен простор, на сите присутни во зградата им се препорачува да го лимитираат движењето низ зградата и постојано да носат заштитна маска, информираат од собраниската прес-служба.
На предвремените парламентарни избори што се одржаа на 15. месецов, СДСМ освои 46 пратенички мандати, ВМРО-ДПМНЕ 44, ДУИ 15, коалициајата АА и Алтернатива 12, Левица два и еден ДПА. Конечните официјални резулати од изборите беа објавени на 25 јули, кога Државната изборна комисија им ги додели уверенијата на новоизбраните пратеници.
Коалицијата „Можеме“ на СДСМ и БЕСА, ги повика сите пратеници кои сакаат да ги поддржат како што велат, во нивните прогресивни политики и да се приклучат кон оваа коалиција. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ пак, Христијан Мицкоски завчера на средба со новата германска амбасадорка Енке Холштајн рече дека врз основа на добиената доверба од граѓаните прави напори за формирање ново парламентарно мнозинство.