Од Институтот за трансфузиона медицина информираат дека во јули првпат крв дарувале 714 лица. Од нив, 549 се од машки пол, а 165 се од женски пол. Во првата половина од оваа година, вкупно се собрани 20.692 единици крв, соопшти Министерството за здравство.
Во однос на состојбата со крвни продукти, од Министерството за здравство посочуваат дека ја следат епидемиолошката состојба во државата со цел безбедно спроведување на крводарителските акции, избегнувајќи ризични подрачја опфатени со поголем број на инфицирани.
Изминатиот период е обезбеден континуиран прилив на крвни единици, со што е избегната можноста да се почувствува недостиг од крвни продукти за потребите на витално загрозени пациенти. Дарувањето крв е највисокиот чин на хуманост и алтруизам. Само со една дарувана ќеса крв може да се спасат и до три или четири животи. Информации за распоредот на крводарителски акции може да се добијат на телефоните: 00389 (0) 23226923, локал 125 при Институтот за трансфузиона медицина. Службите за трансфузиона медицина се наоѓаат во кругот на општите и клиничките болници низ градовите ширум државата, каде што може да се дарува крв, се наведува во соопштението.