Јапонскиот премиер Шинзо Абе денеска објави дека решил да поднесе оставка од функцијата премиер на Јапонија, поради неговата влошена здравствена состојба и им се извини на граѓаните затоа што веќе не може да ја извршува својата должност.
– Не можам да бидам премиер, ако не сум во состојба да донесувам најдобри можни одлуки во интерес на мојот народ, и затоа решив да поднесам оставка од мојата позиција, рече Абе.
Абе, кој долго време беше премиер на Јапонија, изјави дека тој не одлучува за кандидатот кој треба да го замени.
Неговата оставка резултираше со пад на јапонскиот берзански индекс Никеи за 2,12 проценти и се очекува да почне трка за водечката позиција во Либерално демократска партија на Абе.
Аналитичарите веруваат дека кој и да победи на партиските избори ќе остане верен на економската политика на Абе, таканаречена „Абеномија“.
Абе во ноември 2019 година стана премиер на Јапонија со најдолг мандат во историјата, но летово неговата популарност значително се намали поради управувањето со епидемијата на Ковид-19 и серија скандали, во кои првенствено спаѓа апсењето на поранешниот министер за правда.
Шинзо Абе за прв пат ја презеде функцијата премиер во 2006 година како најмлад премиер во повоената историја во Јапонија, но само една година по стапувањето на должноста, под притисок од политички скандали, тој реши да поднесе оставка, повикувајќи се на здравствени причини.
Пет години по неговата оставка, во 2009 година, Абе ја врати на власт својата конзервативна Либерално демократска партија, а од позиција на премиер тој почна програма за економска консолидација насочена кон надминување на постојаната дефлација, заживување на економскиот раст и спроведување структурни реформи со цел Јапонија подобро да се избори со намалувањето на бројот на населението и стареењето на нацијата.
За време на епидемијата на коронавирусот, Абе беше обвинет за несмасно управување со вонредната состојба и недостиг на политички авторитет.