Шефот на европската дипломатија Јозеп Борел, кој денеска телефонски разговораше со рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, изјави дека Европската унија сака да одржува отворени канали за комуникација со Русија и дека сака ја подобрува соработката за прашањата од заеднички интерес.
Борел изјави дека ЕУ ќе продолжи да ги брани своите интереси и вредности во односите со Москва, вклучително и почитување на меѓународното право и основните права, наведе Европската служба за надворешни работи.
Борел, исто така, го известил Лавров дека во рамките на ЕУ е постигнат договор да се почне да се работи на санкционирањето на лица поврзани со обидот за убиство на рускиот опозиционер Алексеј Навални.
Тој ја повика руската Влада да стори се истрагата за злосторството да биде темелна, транспарентна и во целосна соработка со Организацијата за забрана на хемиско оружје, додаде Европската служба за надворешни работи.
Во соопштението се додава дека Борел му се заблагодарил на Лавров за напорите во преговорите за договор за прекин на огнот меѓу Ерменија и Азербејџан, истакнувајќи дека ЕУ е подготвена да придонесе за тие напори.
Говорејќи за Белорусија, Борел го истакна демократското право на белорускиот народ да избере свој претседател преку нови, слободни и фер избори, без надворешно мешање и ја повика Русија да го поддржи повикот за инклузивен национален дијалог во Белорусија.