Оваа година ќе ја запаметиме не само по појавата на вирусот КОВИД-19, туку и по негрижата на ЈП Исар за граѓаните на Општина Штип, изјави денеска за медиумите, Игор Ефтимов од ВМРО-ДПМНЕ.
– Од направената анализа се утврдува дека во месец септември граѓаните останале без вода седум пати. Во летниот месец јуни дури и осум пати. А, во празничниoт јануари повторно седум пати. Ако ги собереме наведените бројки со останатите денови кога граѓаните биле без вода, добиваме дека Штип оваа година, до сега бил неверојатни 44 пати со рестрикции на основниот ресурс, истакна тој.
– Кога на ова несовесно однесување ќе се додаде и пандемијата која единствен начин на заштита го сугерира миењето на раце, ни станува јасно колку ЈП Исар е посветен на општото здравје. Катастрофалната состојба во ЈП Исар посебно се истакнува, поради јасно видливата неспособност да се справат со основните дејности, кои се во неговата надлежност. Меѓутоа, оставањето на граѓаните без вода за пиење во пикот на пандемијата, не само што е страшно и опасно, туку може да придонесе и кон појавување на некоја друга исто така заразна болест, заклучи Ефтимов.