петок, 1. декември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Дочек со полицајци и војници: Невидени безбедносни мерки за новогодишната ноќ ширум Европа

Дочек со полицајци и војници: Невидени безбедносни мерки за новогодишната ноќ ширум Европа

На плоштадите на европските градови ќе се врши претрес на торби, а на некои места ќе биде забрането и точење на алкохол.

Ширум Европа ќе бидат воведени зајакнати безбедносни мерки во пресрет на прославата на Нова година, па така сите што планираат да ја поминат новогодишната ноќ на некој од плоштадите во европските градови, треба да очекуваат преглед на торби, детектори за метал и слични проверки за превенција на терористички напади.

Париз ќе ангажира речиси 8 илјади полицајци и војници на улиците за француската престолнина да биде безбедна, соопштија француските власти. Целта на зголемената присутност на безбедносните сили не е само да бидат спречени терористичките напади, туку и евентуално избивање на нереди.

Француската полиција посебно на око ќе ја држи Елисејската палата каде што ќе биде забрането точење на алкохол, ќе бидат поставени бетонски барикади со цел да спречат евентуално влегување на автомобили. Исто така, ќе се врши и проверка на граѓаните.

Од француското министерство за внатрешни работи соопштија дека за време на новогодишната ноќ, ширум државата ќе бидат распоредени вкупно 99 илјади полицајци и војници.

Кога станува збор за Германија, северниот германски град Хамбург неодамна постави нови безбедносни камери кои што ќе ѝ овозможат на полицијата да реагира за најкратко можно време доколку на некоја локација во градот се случи инцидент.

Од лондонската полиција соопштија дека граѓаните за новогодишната ноќ можат да очекуваат засилени патроли, вооружени полицајци и бетонски препреки за возила во централното градско подрачје.

Портпаролот на полиција Фил Ланворти порача дека мерките не се спроведуваат поради информациите на разузнавачките служби, туку тие се дел од плановите кои што се изготвуваат веќе неколку месеци.