Возачот на Формула 1 тимот Хас, Ромен Грожан, остана жив по денешниот голем инцидент на трката за Големата награда на Бахреин.
Несреќата се случи веднаш по стартот кога болидот на Грожан по само неколку стотина извозени метри имаше контакт со некој од конкурентите по што изгуби контрола излета од патеката и удри во заштитната ограда.
По ударот се случи голема експлозија, болидот на Хас буквално се преполови, а за голема среќа, Грожан успеа жив да излезе и да ја прескокне оградата со помош на неколку од редарите.
Сите болиди беа насочени во боксот, а Грожан со медицинско возило е однесен во болница на понатамошни испитувања.
Според последните информации, трката која почна во 15:10 часот е прекината најмалку 45 минути. (МИА)