Градот Скопје утре ќе го објави јавниот повик за доделување субвенции за велосипеди. Градоначалникот Петре Шилегов рече дека годинава се воведени измени со цел, како што рече, да се овозможи поголем број граѓани да добијат субвенции, а за првпат е овозможено и на лицата со телесен инвалидитет да добијат можност да аплицираат на јавниот повик.
-На овој начин, со мало намалување на максималната висината на субвенцијата обезбедуваме субвенции за велосипеди за околу 1.000 граѓани повеќе во однос на минатата година. Со тоа, почнувајќи од утре, секој граѓанин на Скопје кој ќе купи велосипед согласно со условите во јавниот повик ќе има можност да добие субвенција по принципот прв дојден- прв услужен, рече градоначалникот Шилегов.
Максималниот износ за одделна субвенција за купување велосипед за лице е 50 отсто од вредноста на велосипедот, но не повеќе од 3.000 денари, со вклучен персонален данок на доход. Новитет во јавниот повик за набавка на велосипеди е тоа што оваа година Град Скопје ќе субвенционира набавка на рачни велосипеди (велосипед на рачен погон), како и рачни велосипеди со електрични помагала за лица со посебни потреби. Град Скопје ќе субвенционира 50 отсто од вредноста на рачниот велосипед и рачниот велосипед со електрично помагало за лица со посебни потреби, но не повеќе од 90.000 денари за лице, со вклучен персонален данок на доход.
Град Скопје годинава ќе издвои 10 милиони денари за субвенции за граѓаните за набавка на велосипеди, од кои 9 милиони денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на велосипеди, а 1 милион денари ќе бидат издвоени за субвенции за набавка на рачни велосипеди или рачни велосипеди со електрично помагало за лица со посебни потреби.