Цената на тутунот се откупува за очајни 150 денари, најниска во последната деценија, што не е ниту доволно да ги покрие основните трошоци за тутунарите.
Четвртата класа се укинува и со тоа сите цени паѓаат.
Владата дозволи увоз и сега македонскиот тутун ќе скапува. Тутунарите се понижени и обесправени, а нивната мака и труд потценети. Незадоволни и изреволтирани од власта, денеска тие излегоа на протест да го искажат своето незадоволство и револт.
Според Игор Мирчески од Иницијативниот одбор на „групата македонски тутунари“, тие нема да го дадат тутунот за цената на една кутија цигари и по досегашната цена од 120-тина денари.
-Ние сме група македонски тутунари и самоиницијативно решивме ова да го покренеме. Нашата мака вреди една кутија цираги. Станување во 2 часот, целодневна работа, и сето вреди 100 денари. Се проценува во трета и во четврта класа, а одбитоците се 10 отсто. Луѓето одбиваат да го даваат, не можат да ги покријат ниту сопствените трошоци. Не чини 150, а ни го земаат за 120 денари килограм. Ова не може вака да биде и мора да се крене протест. Одлучивме самоиницијативно, никакви политички партии зад нас не стојат. Ние сме Македонци, Албанци, Турци, муслимани, Роми, сите националности. Нас никој не не обедини. Не обедини маката. Затоа нема да останеме на ова, мора да се крене гласот, да се слушне. Веќе 20 дена има откуп. Овој период лани се откупија 10 000 тони. Изјавата на министерот за земјоделство дека сега е ковид-криза и е почеток, не е релевантна. Луѓето не носат тутун, одбиваат. За 120 денари го враќаат дома, изјави Мирчески.
Мирчески ги изнесе барањата на тутунарите. Се бара цената да не биде под 200 денари, да се цени реално според квалитетот. Побараа државата да најде начин да ги заштити.
Ова, велат тутунарите, е предупредувачки штрајк за да ги сфатат колку сме сериозни, најавувајќи од утре протести низ цела држава, секаде каде има тутунопроизводители.
Тутунопроизводителите Николче Петровски и Тони Ангелески инсистираат на реална процена и на поддршка од Сојузот на земјоделските здруженија.
-Имам произведено околу пет тони тутун. Тутунот не се плаќа и не се цени реално. Не може да биде со толку лош квлалитет. Немаше многу врнежи во годината за да биде родот расипан. Не може преку десет лисја да ја оцени цела кутија тутун. Со оваа цена, не се исплаќа да се произведува, изјави Петровски.
-Здружението не се грижи за нашите проблеми, а ние го плаќаме. При склучувањето договори, ни намалуваа количества, а Здружението (Сојузот на земјоделските здруженија) не реагираше. Најавија дека ќе ги повлечат претставниците на вагите при нереална процена и бараме да ни се придружат, рече производителот Ангелески.