Турскиот Парламент за 18 месеци го продолжи законот што дозволува распоредување нивни војници во Либија. Со законот се обновува мандатот што стапи на сила во јануари, по постигнатиот безбедносен и воен договор меѓу Турција и либиската Влада што е призната од Обединетите нации.
Турција одлуката ја донесе вчера, по прекинот на огнот во Либија во октомври, што беше постигнат со посредство на ОН. Според договорот за примирје, странските сили и платеници треба да ја напуштат Либија во рок од три месеци.
Турските опозициски партии гласаа против продолжувањето на престојот на турските војници во Либија, а продолжувањето на важноста на законот, сепак, беше изгласано со гласовите на владеачка партија АКП и нивните националистички сојузници.
Либија, по бунтот во 2011 година, кога беше соборен и убиен долгогодишниот лидер Моамер Гадафи, западна во хаос. Оваа земја богата со нафта сега е поделена меѓу владата во Триполи и ривалската администрација на истокот. Двете завојувани страни се поддржани од различни регионални и странски сили, како и бројни локални милиции.
Поддршката на Анкара за владата на Националното единство во Триполи го смени текот на војната во Либија. Со турската воена помош, вклучувајќи ги советниците, опрема и разузнавачки информации, владата во Триполи успеа да ја запре едногодишната офанзива на силите лојални на генералот Калифа Хафтар, либиски воен командант кој владее со источниот дел на земјата.
Турција е обвинета за испраќање илјадници сириски платеници во Либија. За време на офанзивата врз Триполи, која беше запрена во јуни, Хафтар имаше поддршка од Обединетите Арапски Емирати, Египет, Франција и Русија.