Џекпот на лотаријата „Пауербол“ од 731,1 милион долари падна, по продаден билет во Лонаконинг, Мериленд, САД. Продавницата во округот Алегени, ќе добие бонус од 100.000 долари за продажба на лозот за петтата најголема добивка на лотарија во историјата на Америка.
Среќниот добитник на џекпотот претпочита да остане неименуван – Мериленд е една од државите што им овозможува на победниците да останат анонимни. Сепак, да се чува во тајност толку голема сума е тешко, особено ако билетот го купил околен жител. Лонаконинг е град со околу 300 семејства, со стапка на сиромаштија од околу 20 насто – далеку над државниот просек.
Постојниот џекпот на конкурентската лотарија „Мега милиони“ – од 970 милиони долари – засега е трет по големина во историјата на САД. Најголемиот џекпот од 1,58 милијарди долари, којшто се акумулираше во „Пауербол“, го освоија три лица во 2016 година.
Среќните добитници на џекпот може да изберат да ја добијат целата сума или на рати. Повеќето добитници претпочитаат да ги земат парите одеднаш. Ова значи дека среќникот кај „Пауербол“ сега може да добие 546,5 милиони – после данокот, а во случај на успех кај „Мега милиони“, денес добивката би изнесувала 715,3 милиони долари.