Селекторот Благоја Милевски оцени дека македонската фудбалска репрезентација до 21 година доби многу тешки противници на денешната жрепка за квалификациите за пласман на Европското првенство (ЕП).
Избраниците на Милевски пласманот на завршницата што во 2023 година ќе се одржи во Романија и Грузија ќе го бараат во конкуренција на Франција, Србија, Украина, Фарски Острови и Ерменија во групата Х. Директен пласман на ЕП ќе обезбедат победниците во деветте квалификациски група и најдобрата второпласирана репрезентација, додека преостанатите осум второпласирани репрезентации ќе играат бараж за преостанатите четири слободни места.
– Групата е исклучително тешка. Франција е топ фаворит, Србија и Украина отсекогаш имале одлични млади фудбалери и секако ќе се борат за висок пласман. Фарски Острови е репрезентација во подем, тоа го потврдија во претходните квалификации во кои славеа против Црна Гора, Израел и Казахстан. Ерменија е исто така незгоден противник“. Едноставно, нема лесен противник, но ние сме навикнати да одиме по потешкиот пат. Со сите репрезентации во групата имаме меѓусебни натпревари, но ова се нови генерации и нови фудбалери“, изјави Милевски за официјалниот сајт на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ).
Европските квалификации ќе стартуваат во март, а Милевски истакна дека идеално би било македонката репрезентација својот прв натпревар да го одигра наесен.
– Би било добро квалификациите да ги започнеме од септември, од причина што немаме ниту еден собир со новата генерација. Распоредот ќе го решаваме заеднички, но би сакал да одработиме барем два собири со неколку контролни натпревари пред официјално да го започнеме новиот квалификациски циклус“, додаде предводникот на националниот тим за играчи до 21 година. (МИА)