Претставниците на фотографската и видео дејноста во земјава формираа Комора. Здружени, апелираат дека и тие се погодени од пандемијата, дека се колатерална штета од ограничувањата за работа на угостителските објекти, дека е загрозена нивната егзистенција и дека државата ги заборавила. Затоа, како што соопштија денеска, бараат да бидат опфатени со петтиот пакет антикризни мерки.
Новата Стопанска комора за фотографска и видео дејност која ги опфаќа сите фото студија и видео продукции за свадби и настани, самостојни вршители на фотографска дејност и правни лица кои вршат набавка и дистрибуција на добра, веќе поднела барања за средби до надлежните министерства, на кои би се продискутирала ситуацијата и би биле изнесени конкретните барања.
Според Комората, голем дел од нејзините членки се микро и мали претпријатија со мал број вработени, еден до пет, па само со отпуштање на еден вработен не ги исполуваат условите за користење на владините мерки и условите за поволните кредити од Развојната банка.
-Нашите членови се колатерална штета на забраните кои се однесуват на угостителскиот сектор за организирање и одржување семејни веселби, прослави и настани. Ние како дејност која највеќе се занимава со фотографирање и видео снимање на погоре спомнатите настани, поради забраните ги изгубивме сите договорени настани за 2020 година, а овој тренд на откажување ќе продолжи и во 2021-ва ако пандемијата не се стави под контрола, наведува претседателот на Комората, Миле Спасов.
Поради откажаните настани и намалената работа, додава Спасов, повеќето дуќани ги отпуштиле вработените, дел ги ставиле фирмите во мирување, а некои ги затвораат претпријатијата.
-Пратени се барања за средби до соодветни министерства од каде очекуваме покани за средба на кои сакаме да дискутираме за следните наши барања: да бидеме опфатени во петтиот пакет економски мерки како една од најзагрозените стопански дејности, да добиеме континуирана финансиска помош за исплата на плати до завршување на пандемијата и до изготвување протоколи за свадби и организирање на настани кај угостителите, со финансиската помош за исплата на плати да бидат опфатени и отпуштените вработени кои на овој начин ќе се вратат на работа, да добиеме директна неповратна финансиска помош – грант за сите чинители во дејноста, достапност на фотографската и видео дејноста до долгорочни и бескаматни државни кредити за одржување на ликвидноста на правните субјекти, како и повластена стапка на ДДВ од или на фотографската и видео услуга за правните субјекти кои се ДДВ обрзници, истакнува опретседателот на Комората.
Комората бара и да и се овозможи да издава лиценци за фото и видео дејноста за да се стави ред во фелата и да се спречи нелојалната конкуренција.
-Бараме и да се добие одобрение или решение од МВР, при аплицирање за лични документи (пасош, лична карта, возачка дозвола) при пополнување на Барањето да се достави и фотографија која ќе се направи исклучиво во лиценцирано фото студио и на тој начин да се обезбеди некаква егзистенција на нашите правни субјекти и вработените. Се надевам дека и во овој ти Пакет на Економски Мерки нема да бидеме заборавени од страна на Државата и ќе добиеме покана за средба во Влада каде ќе дискутираме околу нашите барања и нивното исполнување, напоменува Спасов.
Комората најавува дека следниве денови ќе има состаноци на ниво на сите региони во државата за да го зголеми членството, но и за да се разговара за проблемите со кои се соочува дејноста. Воедно ќе се презентираат нејзините цели, значењето и барањата со кои ќе настапи на средба во Владата. Направена ќе биде и статистика за претрпената штета во овој сектор од почетокот на корона кризата. (МИА)