вторник, 7. ноември 2023. Вести денес: 0
home Вести

Необмислен и избрзан експеримент со учениците

Необмислен и избрзан експеримент со учениците

Нацрт-Концепцијата за основно образование има методолошки и дидактички недоследности, па неколкуте предлагачи и малиот број поддржувачи не треба тоа што ќе го посочам да го разберат како „напад“, туку како предупредување дека се потребни многу различни, научно аргументирани и суптилни рефлексии на образованието и реформите.

Интегрираната наставна програма треба да биде релевантна, базирана на стандарди и знаења. Секое одделение и училиште има еден специфичен концепт кој се поврзува на сите нивни часови. Критичкото размислување се појавува кога учениците свесно ги користат предметните концепти за размислување. Крајно арогантно и безобразно е министер за образование и наука да кажува неаргументирани изјави со кои се навредуваат учениците и наставниците, оние на кои треба да им служи.

„Покажуваат функционална НЕПИСМЕНОСТ на нашите ученици“ – квалификација со која нашите ученици се непросветени и необразовани. Министерке, нашите ученици никогаш не се тоа!

„Сериозната имплементација на новиот концепт ќе создаде ПАМЕТНИ деца“ – алудирајќи дека досега децата не се умни и разумни. Министерке, нашите ученици се вредни и паметни!

„Децата не можат да поврзуваат ФАКТИ“ – жалосно и тажно да се мисли така, но така е кога воопшто се нема допирна точка со наставата и учениците. Министерке, нашите ученици знаат да поврзуваат факти!

„Реформите се неопходни затоа што со години нема промени во образовниот систем со што практично СЕ УНАЗАДУВА нашето образование“, па цели револуции се креваа, во последните 4 години се спроведуваа реформи, значи и со нив се уназадува образованието!?

Министерке, наставниците максимално се трудат и го унапредуваат образованието!

„Ни дава можност да ја покажеме нашата КРЕАТИВНОСТ и да се докажеме како наставници, преку поголемата СЛОБОДА во изведување на воспитно-образовниот процес“ – апсурдно е да се каже дека досега се забранува да се покаже креативноста и се ограничува слободата во наставата.

Министерке, и сега твориме и создаваме со можност да се остварат нашите цели и стремежи!

„Наставниците се ВКЛУЧЕНИ од самиот почеток во подготвување на реформата и што нивните мислења се целосно имплементирани“ – апсолутна лага затоа што нема никаква вклученост на наставниците и нема никаква јавна расправа.

Министерке, слушнете го гласот на наставниците, не на неколкуте партиски одбрани!

„Ниеден наставник не останува без работа, ниеден предмет нема да биде УКИНАТ, фондот на часови ќе се зголеми, а се овозможува и кариерен развој за наставниците“ – да се верува во тоа што се кажува, а свесно се знае дека не е така, тогаш тешко си им и на наставниците и учениците.

Министерке, ги ставате во прашање работните места на наставниците, укинувате предмети и ги сведувате на модули, го намалувате фондот на часови, а и претходно имаше кариерен развој само што не го спроведувавте!

„Во сегашниот систем наставникот е во КАЛАП, нема флексибилност и не може да размислува и да одлучи како подобро да го пренесе тоа“ – со што се потенцира дека наставникот е вкалапен, нема споссобност да реагира и размислува.

Министерке, наставникот ниту е збиен, ниту цврсто врзан, туку може да размислува!

„Ќе добиеме стабилен систем на основно образование преку кој ќе добиеме граѓани кои размислуваат самостојно, критички и ќе научат да размислуваат со СВОЈА глава“ – значи досега граѓаните не размислуваа самостојно, ниту критички, ниту со своја глава!

Министерке, го разнишувате и онака кревкиот образовен систем, а тоа што наставниците не го одобруваат апсурдниот Концепт и не размислуваат како вас е доказ за самостојно размислување со своја глава и критички!

„Интеграцијата не значи СПОЈУВАЊЕ на предмети, туку обработка на една тема низ различните предмети“ – тешко си му на оној кој верува во ова.
Министерке, спојувате повеќе предмети во еден, доколку сакате една тема да се обработува низ различни предмети тогаш откажете се од скандалозната реформа!

„Најмногу ќе се вложи во ОПРЕМУВАЊЕ НА КАБИНЕТИ коишто се трајно добро коешто ќе остане во образовниот систем, и секако во инфраструктура“, а потоа: „Немаат сите училишта исти инфраструктурни услови, но дека НЕ СТАНУВА ЗБОР ЗА КАБИНЕТИ, туку за пристап и начин на пренос на знаење и дека е важно да се постигнат резултати од учење и тоа да се види на домашните и меѓународните тестирања“ – контрадикторност впрочем како и сè друго поврзано со Концепцијата.

Министерке, секое дете треба да има достапни современи средства и модели на учење! Концепцијата за основно образование е необмислен и избрзан експеримент со учениците кој треба веднаш да се напушти. Доста беше со експерименти, нашите деца заслужуваат најдобро!

Колумна на Перчо Божиновски, професор по македонски јазик и литература

Најнови вести