Кризата предизвикана од КОВИД-19 имаше големо влијание врз голем број на граѓани како и на компании. Иако власта спроведе неколку сета на мерки, и сега во најава е петтиот сет на антикризни мерки сепак голем дел од бизнис секторот не успееја да ја надминат кризата.
Едни од најпогодени од оваа криза е туристичкиот сектор. Како што пренесува порталот Фактор голем дел од туристичкиот сектор барале или веќе нашле работа во друга бранша.
-Луѓето веќе си бараат работа, некои почнале да работат како таксисти, а да заминат надвор од државата сега, во овој период е тешко. Добар и професионален туристички водич во нормални услови може да има од 150 до 200 работни денови во годината, рече Бранко Босилков, претседател на Здружението на туристички водичи и придружници.
Од Здружението на туристички водичи и придружници велат дека состојбата во туризмот ќе се врати во нормала дури идната година или пак можеби ќе чекаат две до три години, а кога ќе се врати на состојбата како пред пандемијата зависи од процесот на вакцинација, кој не е ни почнат во земјава.
Имено кога станува збор за вакцинација не може, а да не се спомене фактот дека овој процес Македонија се уште не е започнат. Иако пред само два дена беше најавено пристигнување на вакцините од Србија, сепак тоа не се реализираше.