Сообраќајот на патниот правец А2 Кичево – Охрид, на делницата Пресека – село Врбјани утре меѓу 12 и 15 часот ќе биде 15 до 20 минути во прекин поради изведување градежни работи на пат (минирање), соопшти Автомото сојузот.
Од АМСМ информираат дека сообраќајот на патиштата се одвива непречено по суви коловози.
Законската обврска за задолжително поседување зимска опрема во возилата без оглед на моменталната временска состојба ќе трае до 15 март, посочуваат од АМСМ и препорачуваат прилагодена брзина на движење, почитување на поставената сообраќајна сигнализација и внимателно управување со возилата, особено на патиштата низ котлините, речните долини и клисурите, каде има можност од појава на одрони. Ова посебно се однесува за делниците Катланово – Велес, Маврово – Дебар – Струга, Виница – Берово и Кочани – Делчево. (МИА)